Не чувствувам некаков посебен притисок, можеби и поради изолираноста во која се наоѓаме, но пред натпреварите сигурно ќе ја има онаа позитивна напнатост, која, се надевам, ќе биде продуктивна и ќе се преточи во добри резултати, вели Ѓоргиев, пред дуелите неделава со БиХ (денеска и в четврток) и со Турција (в среда и в сабота)

ОДБОЈКА – ДЕНЕСКА ПОЧНУВААТ КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

Со денешниот прв меч против репрезентацијата на Босна и Херцеговина (Скопје, СЦ „Борис Трајковски“, од 18 часот), машката одбојкарска репрезентација на Македонија ги почнува квалификациските натпревари во групата Ц, за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава. Покрај Македонија и БиХ, на двата турнира што ќе траат до сабота, ќе настапи и селекцијата на Турција. Првопласираните репрезентации од оваа и од другите групи, вкупно седум, ќе се пласираат на континенталното првенство, како и петте второпласирани со најдобар ефект.
На ЕП што ќе се одржи во Полска, Чешка, Финска и Естонија директен пласман обезбедија Србија, Словенија, Франција, Русија, Италија, Украина, Германија, Белгија, како и земјите-домаќини.
Македонија од средината на минатиот месец се подготвува во Скопје, а во меѓувреме одигра и четири контролни натпревари против Бугарија, два во Скопје и два во Софија, кои ги загуби.
– Тоа беа добри проверки, против силна репрезентација како што е Бугарија, на кои можевме да видиме на кое ниво сме моментно, бидејќи по подолга пауза првпат бевме заедно. Добро се тренираше, има работи од кои сум позадоволен, од некои не, но секогаш е така, нема идеална ситуација. Мислам дека сме во добра форма, иако тоа треба да се потврди на натпреварите. Не можам и не сакам ништо да ветувам, но сигурно е дека на секој натпревар ќе играме максимално ангажирано, на победа – вели селекторот на Македонија, Никола Матијашевиќ.

Репрезентацијата на Турција, според квалитетот и поголемиот избор на играчи, според рејтингот (беа 12-ти на минатото ЕП во 2019 година) и силната лига, се смета за прв фаворит. Селекцијата на БиХ, според најавите, доаѓа во подмладен состав и не би требало да биде проблем за Турција, но и за Македонија.
– Да, Турците реално се најдобри, но тоа не значи дека се непобедливи. Битна е и желбата за победа, волјата, мотивацијата, која не е спорна. БиХ е тотална непозната за нас, јас немам, ниту моите помошници, повеќе информации за повеќето нивни одбојкари. Тоа е млад состав, но нема опуштање, мораме максимално ангажирано да влеземе во тој прв денешен натпревар и да победиме. Потоа ќе размислуваме за Турција – вели Матијашевиќ.
Македонија на дуелите против Турција и БиХ ќе настапи во истиот состав од ЕП 2019, каде што на дебито, во групата Ц во Љубљана, остави одличен впечаток и забележа две победи, над Словенија, која потоа стана европски вицепрвак, и против Белорусија. Под знак прашалник е само играњето на централниот блокер Филип Маџунков, кој поради повредата на мускулот тренираше со намален интензитет.
Репрезентацијата на Македонија повторно ќе ја предводи капитенот Никола Ѓоргиев.

– Имам некое претчувство дека Македонија ќе ја победи Турција барем еднаш, дека ќе го освои првото место во групата, што ќе значи и нов пласман во завршницата на Европското првенство наесен. Македонија загуби од Турција на минатото ЕП 2019, но тој наш меч следуваше веднаш по неочекуваниот пораз од Финска, тогаш бевме малку депримирани и не бевме на потребното ниво. За БиХ не знам во каков состав ќе бидат, колку се силни, но добра околност за нас е што првиот меч со нив го играме денеска, па потоа имаме слободен ден до мечот со Турција в среда. Иако ги загубивме четирите контролки со Бугарија, мислам дека сме добро подготвени и оти формата е на сосема завидно ниво. Не чувствувам некаков посебен притисок, можеби и поради изолираноста во која се наоѓаме, но пред натпреварите сигурно ќе ја има онаа позитивна напнатост, која, се надевам, ќе биде продуктивна и ќе се преточи во добри резултати – вели Ѓоргиев. 


Состав на Македонија

Никола Ѓоргиев (капитен), Ѓорги Ѓоргиев, Филип Деспотовски, Александар Љафтов, Владо Милев, Ристо Николов, Иван Андонов, Филип Маџунков, Дарко Ангеловски, Стојан Илиев, Васе Михаилов, Славе Наков, Филип Николовски, Филип Савовски, Стојан Николов и Лука Костиќ Селектор: Никола Матијашевиќ.


ГРУПА Ц, ДВОЈКИ

понеделник Македонија – БиХ
вторник БиХ – Турција
среда Македонија – Турција
четврток БиХ – Македонија
петок Турција – БиХ
сабота Турција – Македонија

сите натпревари почнуваат во 18 часот