На листата за која АТП ги смета трофеите на гранслем-турнирите, АТП-финалињата, турнирите од мастерс-серијата 1.000 и златниот медал во поединечна конкуренција на ЛОИ, Ѓоковиќ води со 59 големи трофеи, Надал има 56, а Федерер 54

ТЕНИС

Светскиот тениски рекет број еден, Новак Ѓоковиќ, ја освои својата деветта титула на гранслем-турнирот Австралија опен, негов 18-ти трофеј на најголемите четири турнири, и тој сега има 59 „големи титули“, три повеќе од Рафаел Надал и пет од Роже Федерер, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) на својата интернет-страница. АТП за „голема титула“ ги смета трофеите на гранслем-турнирите, АТП-финалињата, турнирите од мастерс-серијата 1.000 и златниот медал во поединечна конкуренција на летни олимписки игри (ЛОИ).
Ѓоковиќ освои најмалку една „голема титула“ во девет од изминатите 10 сезони. Тој ја освои својата 18-та гранслем-титула, сега има два такви трофеја помалку од Федерер и од Надал. Деветтата титула на Австралија опен е зголемување на рекордот за триумфи на турнирот во Мелбурн, каде што ниту еден друг тенисер не освоил повеќе од шест трофеи на првиот гранслем-турнир во годината. Ѓоковиќ е само вториот тенисер што освоил девет титули во поединечна конкуренција на еден гранслем-турнир. Надал има 13 трофеи на Ролан Гарос.
Ѓоковиќ продолжува да води на листата според стапката на освојување на „големите титули“, со еден освоен трофеј на 3,3 одиграни турнири (59 трофеи на 194 учества), пишува АТП. Надал триумфира еднаш на секои 3,4 одиграни турнири на овие нивоа (56/191). Само уште двајца тенисери победиле повеќе од еднаш на секои пет турнири, Федерер (4,4, 54/237) и Пит Сампрас (4,9, 30/147).