Со драматичниот триумф вчера над Тим со 3-2 во сетови, Ѓоковиќ ја освои рекордната осма титула на Австралија опен, се врати на врвот на листата на АТП и стана првиот во 52-годишната т.н. опен ера на тенисот што освојува гранслем-титули во три различни децении

Новак Ѓоковиќ (32) од Србија ја освои и осмата титула на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен во Мелбурн, откако во драматичен меч со пресврти во пет сета го совлада Австриецот Доминик Тим (26). По малку повеќе од четири часа игра Ѓоковиќ победи со 6-4, 4-6, 2-6, 6-3, 6-4, во меч во кој 61 поен биле играни со по 18 префрлувања на топчето преку мрежата.

Ѓоковиќ со победата ја потврди својата доминација на Австралија опен, оти нема пораз во ниту еден финален меч во Мелбурн. Со осмиот трофеј го подобри рекордот според бројот на титули на Австралија опен, а сега има два повеќе од второпласираните Рој Емерсон од Австралија и од Роже Федерер од Швајцарија.

Згора, со триумфот Ѓоковиќ се врати на првото место на листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), симнувајќи го од врвот Шпанецот Рафаел Надал, кој го замени на првото место токму Ѓоковиќ во ноември лани. Тоа е петти пат како Ѓоковиќ се враќа на врвот. За српскиот тенисер тоа е вкупно 17-ти гранслем-трофеј. Тој има и пет победи на Вимблдон во Лондон, три на САД опен во Њујорк и еден на Ролан Гарос во Париз. На оваа листа водечки е Федерер со 20 гранслем-титули, а втор е Надал со 19.

Ѓоковиќ е првиот во 52-годишната т.н. опен ера (од 1968 година) на тенисот што освојува гранслем-титули во три различни децении (првиот трофеј го освои во 2008 година), и само втор во историјата на тенисот, по Кен Росвел од Австралија, кој победувал во 50-тите, 60-тите и во 70-тите години од минатиот век.
Тим не успеа да стане само првиот Австриец што освоил гранслем-титула, по Томас Мустер, кој славеше во 1995 година во Париз, на Ролан Гарос. За Тим тоа беше трето финале на гранслем-турнир. Претходните две финалиња беа на Ролан Гарос, во 2018 и во 2019 година, кога двапати загуби од Надал. Пред овој турнир во Мелбурн најголем успех на Тим на Австралија опен му беше пласманот во 4-то коло во 2017 и во 2018 година.

Според информациите, финалето на стадионот „Род Лејвер“ и на големите екрани околу него вкупно го проследиле 31.020 гледачи, со што е надминат рекордот од лани од 30.753 гледачи. Вкупно сите мечеви годинава на Австралија опен ги следеле, исто така, рекордни 812.174 гледачи (претходната најголема посетеност е од минатата година, 796.435).


Победи во девет финалиња од претходните 10

Вчерашната победа е втора за Новак Ѓоковиќ во пет сета во финале на Австралија опен. Првиот пат Ѓоковиќ играше маратонски меч со Рафаел Надал во 2012 година. Вкупно Ѓоковиќ во Мелбурн славеше во 2008, 2011, 2012, 2013, 2015, 2016, 2019 и во 2020 година. Вкупно во претходните 10 финалиња на гранслем-турнири во кои играл, Ѓоковиќ победил во девет. Згора, тој сега има скор 31 победа и 10 порази во мечеви играни во пет сета, пишува ЕСПН.


Големата тројка и понатаму доминира

Австриецот Доминик Тим се обиде да биде првиот тенисер роден во 90-тите години на минатиот век што ќе освои гранслем-трофеј. Но остана доминацијата на големата тројка (Роже Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ), која освои 15 од претходните 17 турнири во Мелбурн, потоа 13 гранслеми во низа (по пет Ѓоковиќ и Надал, три Федерер) и вкупно 56 од претходните 67 гранслем-турнири воопшто.


НАЈМНОГУ ГРАНСЛЕМ-ТИТУЛИ
Роже Федерер (Швајцарија) 20
Рафаел Надал (Шпанија) 19
Новак Ѓоковиќ (Србија) 17