Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ изјави дека веројатно најтешките моменти во неговата кариера ги доживеал во периодот од 2008 до 2011 година, односно од освојувањето на првиот гранслем-турнир, па до победата на „Вимблдон“, кога се искачи на врвот на АТП-листата.
– По поразот на „Ролан Гарос“ од Јирген Мелцер во пет сетови доживеав некаков вид на ментален пад. Се сеќавам дека одев кај моите родители и разговарав за тоа, плачев и им велев дека не знам дали сево ова воопшто вреди да се прави и дали треба да продолжам. Татко ми се обидуваше да ме охрабри и ми велеше да бидам јак и да продолжам понатаму. Во тој период на тренинзите буквално седев и плачев, а потоа со поддршката од Марјан Вајда и Миљан Амановиќ успеав да го надминам тоа, наведе српскиот тенисер.
По оваа криза Ѓоковиќ направи неверојатна серија, прво со освојувањето на Дејвис купот со Србија, а потоа неверојатните успеси во 2011 година.
Во моментов тој има освоено 14 гранслем-трофеи и најверојатно до крајот на годината ќе се врати на првото место на АТП листата.