Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ беше елиминиран во третиот круг од „Мастерс“ турнирот во Монте Карло, откако беше совладан од австрискиот тенисер Доминик Тим со 6:7, 6:2, 6:3 по два часа и 32 минути игра. „Мастерс 1.000“ турнирот во Монте Карло се игра на земја, а наградниот фонд е над 4 милиони и 850 илјади евра.
Новак го доби првиот сет по тај-брејк, но во продолжението на мечот беше во подредена положба. Србинот изгуби сила во вториот и третиот сет, што Тим го искористи и се пласираше четвртфиналето во Монте Карло, каде што ќе игра против победникот од натпреварот Рафаел Надал – Карен Хачанов.
Тим го победи Ѓоковиќ по втор пат во својата кариера, откако беше подобар во нивниот претходен натпревар на „Ролан Гарос“, додека Србинот остана на пет победи.
Сепак се забележува напредок во играта на Новак Ѓоковиќ и неговата форма пополека се подобрува, по неговите лоши игри во Индијан Велс и Мајами, на кои 13-тиот светски тенисер се појави по операцијата на лактот.