Најдобриот светски тенисер, моментно, Новак Ѓоковиќ, славеше против „кралот на земјената подлога“ Рафаел Надал, во уште еден епски дуел помеѓу големите ривали за да се пласира во финалето на гранслем-турнирот Ролан Гарос.
Првиот носител направи пресврт по загубениот воведен сет за да го добие мечот со резултат 3-1 (1-6, 6-3, 7-6, 6-2 по сетови).
Ѓоковиќ на тој начин го спречи походот на Надал кон рекордниот 21-ви гранслем-трофеј (Тој и Роже Федерер имаат по 20). Шпанецот, кој е 13-кратен шампион на Ролан Гарос, има учинок со 105 победи наспроти три порази (два од Ѓоковиќ и еден од Робин Содерлинг) во кариерата на гранслем-турнирот во Париз.
Ѓоковиќ во финалето в недела ќе се сретне со Стефанос Циципас кој беше подобар од Александар Зверев во пет сета. Ѓоковиќ ќе се бори за својот 19-ти гранслем-трофеј, а Циципас првпат ќе игра во едно гранслем-финале.