Новак Ѓоковиќ

ТЕНИС

Јас секогаш сум многу сигурен во себе. Верувам дека можам да освојам најмногу гранслем-титули и да го соборам рекордот за најмногу недели како рекет број 1, вели Ѓоковиќ во интервјуто со американскиот ТВ-новинар Греам Бенсинџер, од кое делови пренесува „Ројтерс“

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ (32) верува дека ќе освои најмногу гранслем-титули и ќе биде најдолго светски рекет број еден, до моментот кога ќе се пензионира. Сегашниот светски рекет број 1 има 17 гранслем-титули, две помалку од Шпанецот Рафаел Надал и три помалку од Швајцарецот Роже Федерер. Ѓоковиќ вели дека не се сомнева во својата способност да ги престигне другите членови на т.н. голема тројка.
– Секогаш сум многу сигурен во себе. Верувам дека можам да освојам најмногу гранслем-титули и да го соборам рекордот за најмногу недели како рекет број 1. Дефинитивно тоа се моите најглавни цели – вели Ѓоковиќ во интервјуто со американскиот ТВ-новинар Греам Бенсинџер, од кое делови пренесува „Ројтерс“.
Ѓоковиќ беше во импресивна форма пред пандемијата на коронавирусот, која ги прекина натпреварите во почетокот на март. Тој со Србија триумфира во АТП-купот, ја освои осмата титула на Австралија опен во Мелбурн, потоа по петти пат триумфира во Дубаи, и беше во серија од 21 победа во низа.

Федерер е рекордер според бројот на неделите како број еден, вкупно 310, како и со 237 последователни недели на врвната позиција. Ѓоковиќ, за споредба, досега 282 недели е број 1, односно 122 во низа. Федерер ќе наполни 39 години во август, а Ѓоковиќ вели дека би можел да игра и до 40 години.
– Не верувам во граници. Мислам дека границите се само во егото или во умот – вели тој.
Целосното интервју ќе се емитува во САД викендов преку локалните ТВ-мрежи, а во странство следната недела.