Покрај ЗОИ, друга битна цел за Шифрин во сезоната е да реализира, како што го нарече таа, „уште еден голем сон“, повторно да биде вкупен победник во Светскиот куп, каде што беше најдобра од 2017 до 2019 година

СКИЈАЊЕ

Американката Микаела Шифрин (26) сака да настапи на сите пет индивидуални трки за жени на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2022 година во Пекинг. Шифрин се подготвува за почетокот на новата сезона во Светскиот куп (СК) што почнува викендов во Зелден и размислува како може да го извлече најдоброто од себе на двата настана.
– Нешто за што сонувам во моментов е да се натпреварувам на секоја трка во Кина. Но тоа значи дека ќе морам многу повеќе да се подготвувам, пред сѐ, ментално. Треба да сфатам како ќе влијае тоа врз мене ментално и физички во текот на, во суштина, трите недели колку што ќе бидеме во Кина – вели Шифрин, од Австрија, на видеоконференцијата со новинарите.
Шифрин сака во Пекинг да настапи во велеслалом, слалом, супервелеслалом, спуст и во алпска комбинација. Тоа беше идејата и за ЗОИ 2018 во Пјонгчанг, но распоредот се смени поради временските неповолни услови, што придонесе Шифрин да учествува на три трки. Шифрин има три олимписки медали, златни во слалом и во велеслалом и сребрен во алпска комбинација.

– Постојат многу работи што можат да се направат само со олимписки подготовки. Но, исто така, знаејќи дека толку многу работи можат да се сменат, не само сега, туку и пред почетокот на првата олимписка трка до крајот на Игрите, тој план многу, многу лесно може да се смени за миг. Одите на Игрите и се надевате на медали. Тоа е сонот. Веднаш штом ќе пристигнеме таму сѐ е испланирано. Трка, потоа следниот ден тренинг, потоа ден за трка, потоа два дена тренинг и сѐ така по ред. Нема многу време за закрепнување или за одмор. Исто така, знаеме дека времето буквално може сѐ да промени. Можете да го испланирате секој потег правилно и внимателно, но сепак сѐ може да пропадне поради работи што се целосно надвор од вашата контрола. Чувството на притисок е крајно непријатно – вели Шифрин.
Покрај ЗОИ, друга битна цел за Шифрин во сезоната е да реализира, како што го нарече таа, „уште еден голем сон“, повторно да биде вкупен победник во СК, каде што трипати беше најдобра, од 2017 до 2019 година. Таа има 69 победи во трки од СК, а поуспешни од неа се само Швеѓанецот Ингемар Стенмарк со 86 и сонародничката Линдзи Вон со 82 победи.
– Нема гаранција дека ќе можам повторно да победам и навистина е тешко да се каже дали тоа е реалната цел за сезонава или, пак, во кариерата. Но ќе сторам сѐ тоа да биде остварливо – вели Шифрин.