На улиците на Скопје по 17-ти пат се одржува традиционалниот Виз Ер Скопски маратон, на кој има околу 7.000 учесници, од кои најголемиот дел се домашни спортисти. Учесниците на маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон – ЕУ за спорт тргнаа од стартот во 8 часот, а тркачите на 5 километри во 8.10 часот тргнаа од платото пред Спортскиот центар Борис Трајковски, каде што ќе биде и целта на овогодишниот маратон.
Градот Скопје обезбеди целосна логистичка и делумна финансиска помош на организаторите на маратонот. Службите и јавните претпријатија на Градот Скопје се ставија целосно на располагање на учесниците во маратонот, за непосредно пред почетокот на трката улиците да бидат чисти, безбедни и погодни за трчање.
– Развивањето на спортот и промоцијата на здравиот начин на живеење беше една од нашите заложби во изминатите четири години. Маратонот Виз Ер, како важен дел од нашите активности, стана еден симбол на Скопје, кој од година в година станува сѐ подобар и попосетен – напиша Шилегов во објавата на Фејсбук.
Патеката по која учесниците трчаат ќе биде иста, како и претходната година, а дел од скопските улици во периодот од 7.30 до 14 часот ќе имаат привремен режим на сообраќај и промена на режимот на работа на линиите на јавниот градски превоз.
– Денес, на овој голем спортски празник за градот, но и за нашата држава, имаме чест да го организираме 17-тиот по ред Скопски маратон, каде на наше големо задоволство, имаме можност да бидеме дел од еден Европски, па дури и светски настан. Ги повикувам сите скопјани да ни се придружат, да излезат на балконите и на улиците и да ги поздрават маратонците кои со своето присуство денес придонесуваат за развивање на оваа убава спортска приказна – пишува Шилегов.
Годинешниот Скопски маратон ќе се одржи со почитување на сите пропишани мерки и протоколи за заштита од ковид-19.
Виз Ер Скопскиот Маратон е во организација на Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со атлетскиот клуб Работнички од Скопје, под покровителство на Град Скопје, Делегацијата на ЕУ и Агенцијата за млади и спорт.