По денешната ждрепка ќе биде познато во која од трите групи ќе игра Македонија на деби-настапот во оваа конкуренција. Од 11-те можни противници, Македонија во минатите неколку години играла со шест, а победувала во многу од тие мечеви
Македонските одбојкари на денешната ждрепка во Луксембург (11 часот) ќе ги добијат противниците за дебито во една од трите групи во Златната европска лига во 2020 година, второ по квалитет натпреварување, по Европското првенство (ЕП). Македонија, која во септември годинава првпат настапи на ЕП, во Љубљана, Словенија, ќе дебитира и во Златната лига, во која ќе играат 12 репрезентации.
Можни противници на македонската репрезентација се селекциите на Белгија, Холандија, Чешка, Турција (победникот годинава), Украина, Словачка, Шпанија, Естонија, Португалија, Белорусија и Романија. Од 2014 до 2018 година Македонија беше редовен учесник во т.н. Сребрена европска лига, освојувајќи три втори и по едно трето и четврто место.
Македонија последниве години одигра повеќе натпревари против повеќето репрезентации што се можни ривали во групата за Златната лига. На ЕП 2019, во групната фаза, Македонија ја совлада Белорусија (3-1), а загуби од Турција со 0-3. Пред две години во финалето во Сребрената лига, Македонија загуби од Украина со 1-3, со која беше и во истата квалификациска група за ЕП 2019 (беше 2-3 и 1-3).
Во 2016-та Македонија во финалето на Сребрената лига загуби од Естонија со 0-3, потоа беше 0-3 и 1-3 во групната фаза на истото натпреварување во 2015 година, но Македонија победи со 3-0 во полуфиналето. По една победа забележаа двете селекции (2-3 и 3-1) во квалификациите за ЕП 2017, кога Македонија играше во група и со Чешка и со Романија, а ефектот беше четири порази и две победи (над Естонија и над Романија, со по 3-1) итн.
Репрезентацијата на Македонија се покажа во одлично издание на ЕП 2019 забележувајќи две победи, над Словенија и над Белорусија (по 3-1). Имајќи го тоа предвид, како и фактот дека станува збор за одбојкари што се во својот зенит, поискусни за еден настап на ЕП, како и тоа дека, со мали промени, со години играат заедно, треба повторно да се очекуваат добри резултати. Пласманот на фајналфорот веројатно би бил преголем залак за Македонија во оваа конкуренција, но добрите игри не би требало да изостанат.
Репрезентациите во Златната лига ќе бидат поделени во три групи, а натпреварите ќе се играат според принципот секој со секого, дома и на гости. Натпреварите по групи би требало да се одиграат од мај до јуни. Завршниот турнир е закажан за 20 и 21 јуни в година, а на него ќе настапат трите првопласирани репрезентации од секоја група, плус земјата-домаќин, која дополнително ќе биде одредена.
УЧЕСНИЦИ ВО ЗЛАТНАТА ЛИГА 2020 ГОДИНА
Македонија
Белгија
Холандија
Чешка
Турција
Белорусија Естонија
Шпанија
Украина
Словачка
Португалија
Романија