ПЛИВАЊЕ
Американката Кејти Ледецки го освои златниот медал во првата женска трка на 1.500 метри во историјата на Летните олимписки игри (ЛОИ). За Ледецки ова беше прв златен медал во Токио, а 30-те делници ги исплива за 15:37,34 минути, што е олимписки рекорд, побрзо за повеќе од четири секунди од сонародничката Ерика Саливен. Бронзата ја освои Германката Сара Колер.
Трката на 1.500 метри првпат е на програмата на ЛОИ. Таа го освои златниот медал во оваа дисциплина на Светското првенство (СП) во 2017 година, а следната година постави и светски рекорд (15:20,48 минути). Таа никогаш немаше загубено во финален натпревар на 36 големи трки, сѐ до Токио каде што на 400 метри беше втора, а на 200 метри слободно беше петта, во трките на кои победи Австралијката Ариарне Титмус.
– Некои луѓе како да беа разочарани малку во мене, како, јас не победувам и не освојувам сѐ. Но сакам луѓето да бидат позагрижени за другите работи што се случуваат околу нив, во светот, за луѓето што навистина страдаат. Јас сум само горда што освоив уште еден златен медал за САД – изјави Ледецки, која во Токио ќе настапи и на 800 метри слободно, во која е прва фаворитка за златото и во штафетата 4х200 метри слободно.
Ледецки ја сметаат за најдобра пливачка на средни и на долги патеки на сите времиња, со освоени шест златни медали на ЛОИ (по еден на 200, 400, 1.500 и во штафета 4х200 м слободно и два на 800 м) и 15 на СП. Таа е актуелна светска рекордерка на 400, 800 и на 1.500 метри слободно.
Австралијката Титмус (20) со двете злата во трките на 200 и на 400 метри, и со победите над Ледецки во директната пресметка, стана новата „пливачка кралица“. Титмус ќе се соочи со Ледецки во Токио уште во две трки, на 800 метри и во штафетата 4х200 метри слободно.