Шахот е одлична алатка за развој на размислувањето и за подобрување на способностите кај децата, меѓу кои трпеливоста, успехот, стратегиското размислување, способноста за решавање проблеми што бараат концентрација, креативност итн., објаснуваат од Шаховската федерација на Израел, каде што е најавено проширување на програмата „Шах за секое дете“, пренесува ФИДЕ
ФИДЕ
Шаховската федерација на Израел и тамошното министерство за образование најавија проширување на програмата наречена „Шах за секое дете“, која се состои од шест специјални проекти, чија цел е да им се овозможи на децата од второ и од трето одделение да ја научат шаховската игра во текот на 2020/2021 година, а програмата ќе биде финансирана од „Мифал Хапаис“, израелска организација за лотарија, пренесува Светската шаховска федерација (ФИДЕ) на својата интернет-страница. Шахот постојано добива простор во образовниот систем и одвреме-навреме се освојува ново поле во оваа област, пишува ФИДЕ.
– Шахот е признаен од јавноста, раководството и од високите владини претставници во Израел како ефикасно средство за подобрување на вниманието и концентрацијата, развојот на стратегиското размислување, компетитивноста и вредноста на победата меѓу младите. „Мифал Хапаис“ инвестира многу ресурси во овој проект, оти разбира дека шахот е одлична алатка за развој на размислувањето и подобрувањето на способностите кај децата, меѓу кои трпеливоста, успехот, стратегиското размислување, способноста за решавање проблеми што бараат концентрација, креативност итн. – објаснуваат од Шаховската федерација на Израел, пренесува ФИДЕ.
Програмата почнала во текот на учебната 2018/2019 година, во 40 паралелки од второ одделение, а бројот бил зголемен на 205 паралелки во следната учебна 2019/2020 година, во втори и во трети одделенија. Со оглед на позитивните резултати и ентузијазмот на учениците, голем број локални власти и директори на училишта го пофалија проектот и побараа дополнителни часови, а зголемениот буџет ќе ѝ овозможи на Шаховската федерација на Израел да ја прошири програмата на вкупно 410 паралелки, пишува ФИДЕ.
Гакидова: ШФМ има планови за пилот-проект во неколку училишта
Шаховската федерација на Македонија има планови да почне со пилот-проект во неколку училишта низ Македонија, секако во соработка со Министерството за образование, и да се обиде да најде европски пари за спонзорирање на овој проект. Секоја информација, пак, за воведување на шахот во училиштата во други држави е добредојдена, оти ќе имаме и повеќе аргументи за нашиот проект, вели претседателката на Шаховската федерација на Македонија, Александра Гакидова.