ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА

Шахистките на Алкалоид се екипни првенки на Македонија, откако на државното првенство во Охрид го освоија првото место, со што го повторија успехот на машкиот тим на Алкалоид. Во конкуренција на осум екипи и по седум одиграни кола, тие забележаа максимални седум победи, односно 14 екипни бода, а вкупно 24 по табли, од можни 28. Со овој двоен успех ШК Алкалоид на најдобар можен начин го прослави јубилејот 45 години од формирањето на клубот.

Првенството се играше на четири табли, со можност за настап најмногу на две странски шахистки во една екипа. Оваа можност ја искористија сите клубови, освен Гамбит Асеко СЕЕ, кој имаше едно странско засилување. Во победничкиот состав импонираа репрезентативката на Македонија, ЖФМ Моника Стојковска (рејтинг 2.081), со 6,5 бода од седум можни, играјќи на третата табла, и ЖИМ Габриела Коскоска (2.003), со 5,5 поени од шест партии, на четвртата табла. За Алкалоид уште играа ИМ од Турција Екатерина Аталик (2.433), која освои пет поени од седум партии, ИМ од Романија Ирина Булмага (2.413) со 6/7 поени, Јана Анѓелкоска (1.596) со 1/1 и Леа Ефтовска (1.531).

Од преостанатите екипи, поединечно одлично одигра 13-годишната Моника Жежовска, членка на Гамбит Асеко СЕЕ, која на третата табла впиша 3,5 бода од седум партии (две победи и три ремија), со што го поправи сопствениот рејтинг за нови 76 поени, Ивана Манова (Центар) освои 6,5/7 поени (18,6 рејтинг-поени) на четвртата табла…
Табела: Алкалоид 14 бода (24 по табли), Центар 9 (18,5), Неготино 8 (13,5), Куманово 7 (14,5), Прилеп 5 (12), Кисела Вода 5 (10), Гамбит Асеко СЕЕ 4 (10,5), Гостивар 4 (9).