Македонската машка репрезентација во Батуми, по пет кола, има четири победи и еден пораз, односно осум бода и 15,5 поени по табли, што е за 4,5 поени по табли подобар резултат од настапот во Торино во 2006 година
Македонската машка шаховска репрезентација, по пет одиграни кола на 43. Шаховска олимпијада (ШО), која се одржува во Батуми, Грузија, во конкуренција на 185 селекции, го оствари досега најдобриот пласман на 13-те учества на ШО, почнувајќи од 1994 година во Москва. Имено, шахистите (2.514 просечен рејтинг, рангирани 43-ти во Батуми) речиси на половина од ШО имаат четири победи и еден пораз, односно осум бода и вкупно 15,5 поени по табли, а во пресрет на 6-то коло, играно вчера, беа на 20-то место.
Идентичен збир на поени, осум (три победи и две ремија) по 5-то коло, шахистите (Владимир Георгиев, Трајко Недев, Драгољуб Јаќимовиќ, Звонко Станојоски и Атанас Кизов) имаа и на ШО во Торино 2006 година, но 11 поени по табли (11). Таму беа рангирани на 41-то место, а на крајот завршија на 33-то место, со 18 бода (седум победи, четири ремија и два пораза) и 29,5 поени по табли, но од 13 кола. Така во 1-то коло беше победен Хонгконг (3-1), во 2-то, реми со Молдавија, потоа победа над Белгија (2,5-1,5) и над Андора (2,5-1,5) и во 5-то коло реми со Франција.
Во Батуми, пак, во 1-то коло победа над Брунеи (4-0), пораз од Молдавија (1,5-2,5), победа над Панама (4-0) и над Уругвај (3,5-0,5) и во 5-то коло триумф над Грција (2,5-1,5).
Во 6-то коло во Торино следуваше пораз од Словенија (1-3), а вчера пак, во Батуми, шахистите играа со силната Ерменија (рангирана осма), инаку трикратен освојувач на златниот и бронзениот медал на ШО. Но токму победата над Ерменија (3-1), но на ШО во Истанбул во 2000 година, во последното коло им го донесе и досега најдобриот пласман на македонските шахисти, кога го поделија 7-то место (Никола Митков, Трајко Недев, Драгољуб Јаќимовиќ, Влатко Богдановски, Марјан Митков, Атанас Кизов).
Во Батуми, пак, по 5-то коло кај мажите во водство се четири селекции, со по максимални пет победи или 10 бода, Азербејџан, Чешка, Полска и Украина, а дури седуммина шахисти имаат по 4,5 поени од пет можни, предводени од Холанѓанецот Аниш Гири, потоа Азербејџанецот Рауф Мамедов, Англичанецот Дејвид Ховел, Словакот Јирши Сточек, Египќанецот Ахмет Адли, Босанецот Денис Кадриќ…
Македонските шахистки, пак, имаат четири бода (11 поени по табли) и моментно, пред вчерашниот дуел со Хондурас (рангиран 93-ти), беа на 84-то место. На табелата се осамени САД со максимални 10 бода, пред Кина и Украина, кои имаат девет.
Вредна победа над Грција
Во 5-то коло мажите забележаа вредна победа над Грузија со 2,5-1,5 поени. На првата табла Кирил Георгиев лесно го совлада Папајоану, на втората Владимир Георгиев ремизира со повторување на потезите со Мастровасилис. На третата Филип Панчевски имаше добиена позиција против Николаидис, но во жесток цајтнот, заедно со својот ривал, направи неколку непрецизности, за конечно реми, додека Трајко Недев во еднаква позиција ремизира со Павлидис.
Шахистките, пак, во конкуренција на 151 селекција, ја остварија втората победа, овој пат над Палестина, со 3-1. Цел поен освоија Бојана Бејатовиќ, Моника Стојковска и Катерина Петровска, додека Драгана Николовска загуби.