Подмладената машка македонска шаховска репрезентација загуби во 1-то коло од фаворизираната Хрватска со 1-3, додека македонската женска репрезентација службено го освои првиот бод, оти како последнорангирана 31-ва, немаше противник на стартот на 23. Европско екипно првенство (ЕП), кое во девет кола се игра во Терме Чатеж (Словенија).
Цел поен за Македонија, која во конкуренција на 39 држави е рангирана 33-та, го освои интернационалниот мајстор (ИМ) Никола Николовски (2.401), кој со бели фигури го победи велемајсторот (ВМ) Марин Босиочиќ (2.599) во 63-от потег, откако остана со квалитет повеќе на таблата. ИМ Филип Панчевски (2.490) на првата табла загуби од ВМ Анте Бркиќ (2.545), ИМ Тони Лазов (2.393) од ВМ Хрвоје Стевиќ (2.581), додека дебитантот, ФИДЕ-мајсторот (ФМ), Емил Ристески (2.315) од ВМ Саша Мартиновиќ (2.542). Селекцијата на Хрватска е рангирана 14-та на ЕП.
Во утрешното 2-ро коло, шахистите ќе играат со Шведска (рангирана 23-та), додека шахистките со Италија (рангирана 13-та). На ЕП се пријавени 39 репрезентации со 193 шахисти (127 ВМ, 37 ИМ), а кај шахистките 31 држава со 154 шахистки (11 ВМ, 23 ЖВМ). Русија (мажи и жени), која го брани златото, е рангирана на првото место.
Г.И.