Македонската машка шаховска репрезентација (просечен рејтинг 1.972 поени, рангирана 9-та), минимално е поразена со 1,5-2,5 од првата селекција на Полска (2.039, рангирана 7-ма), во рамките на 6-то коло, на Европското екипно првенство (ЕП) за слепи и слабовидни шахисти, што во девет кола се игра во Камчулата, Романија. Во 7-то коло пак, Македонија беше слободна, што значи освојување на два екипни бода, но без допонителни поени по табли.
На првата табла Санде Атанасов (1.950) со црни фигури загуби од Марчин Шојновски (2.002), на втората табла цел поен освои ФМ Владимир Тркаљанов (2.129) против Ричард Судер (2.073), на третата Жарко Селковски (1.941) загуби од ФМ Тадеуш Золтек (2.112) и на последната табла Зејно Бајрами (1.866) го подели поенот со Јержи Рутковски (1.969). Македонија немаше среќа во денешното 8-мо (претпоследно коло), па така за противник ја доби втората селекција на Полска, која на ЕП е прворангирана (2.284).
– Засега остваривме една победа, а пропуштивме два добиени меча, против Хрватска и Бугарија. Иако немаме целосен состав за многу повисок пласман, сепак држиме одреден максимум, најмногу благодарејќи на Тркаљанов и Селковски. Затоа и го пријавивме составот по овој редослед. за да на 2-та и 3-та табла бидат нашите најсилни шахисти и за да играат на победа. Но, добро е што благодарение на спонзорот „Пејтен“ и сме дел од ова ЕП. Сметам дека е лошо направен швајцарскиот систем (Шевенинген) на составување двојки, оти секогаше една репрезентација мора да е слободна, сметам дека требаше да бидат барем 7 кола. Денеска играме со Полска (2), која е најсината селекција тука, но верувам дека нема да загубиме со максимален резултат – вели ВМ Трајко Недев, кој на ова ЕП, е во својство на селектор на македонските шахисти.
Македонија на две кола до крајот, со една победа три ремија и два пораза е на 8-то место со вкупно 7 бода (12,5 поени по табли), додека водат втората селекција на Полска и Русија со по 12 поени, а трета е Украина со 11, од вкупно 15 репрезентации. Г.И.