Грег Радерфорд во 2012 година го освои златото на ЛОИ во Лондон, а сега сака со тимот на Велика Британија да освои медал во боб на ЗОИ в година во Пекинг. Само еден спортист освои златни медали и на ЛОИ и на ЗОИ, а уште четворица други освоиле олимписки медали на летни и на зимски Игри
Поранешниот атлетичар Грег Радерфорд тајно тренира со составот на Велика Британија во боб, за да стане првиот Британец што освоил олимписки медали на летни (ЛОИ) и на зимски олимписки игри (ЗОИ), пишува британскиот дневен весник „Гардијан“.
Поминаа три години откако Радерфорд (34), олимпискиот шампион во скок во далечина на ЛОИ во Лондон во 2012 година, престана да се натпреварува, но се врати на тренинзите минатата година и се приклучи на боб-тимот на Велика Британија. Она што ја прави приказната на Радерфорд уште позабележителна е тоа што тој никогаш порано не седнал во боб-санка. Но следниот месец тој треба да присуствува на тренинзите во Гибралтар во пресрет на Зимските олимписки игри во Пекинг во февруари в година.
– Се враќам и имам намера да напишам историја. Знам дека повеќето луѓе веруваат дека е невозможно во некој спорт да се почне од нула и да се освои олимписки медал за помалку од една година. Но не се согласувам.
Не го правам ова само за да го освојам 25-то место. Имам намера да тренирам неверојатно напорно, да влезам во тимот, а потоа да освојам медал. И ако ја добиеме вистинската санка и имаме совршена трка, сѐ е можно. Дури и злато – вели Радерфорд.
Само еден спортист, Еди Иган од САД, освои златни медали на ЛОИ и на ЗОИ, како боксер во тешка категорија во Антверпен во 1920 година и во боб-четирисед во Лејк Плесид во 1932 година. Само уште четворица други освоиле олимписки медали на ЛОИ и на ЗОИ, и тоа Јакоб Тулин Тамс (злато во скијачки скокови во 1924 година и сребро во едрење во 1936-та), Криста Лудинг-Ротенбургер (злато во брзо лизгање во 1984 и во 1988 и сребро во велосипедизам на патека во 1988), Клара Хјуз (две бронзи во друмски велосипедизам во 1996 година и злато, сребро и две бронзи во брзо лизгање од 2002 до 2010 година) и Лорин Вилијамс (злато во 2012 и сребро во 2004 година во атлетика и сребро во боб во 2014 година).