Сите први четвртфинални партии на Светскиот куп (СК) во шах во рускиот град Канти Мансијск завршија со поделба на поенот, но по голема и возбудлива борба.
Руско-кинеските дуели, Александар Гришчук (2.759 рејтинг-поени) – Лирен Динг (2.811) и Никита Витјугов (2.732) – Јангуи Ју (2.763) не му донесоа никому предност. Кинезите решија за сопствена иницијатива и за понатамошна неизвесност на таблата да жртвуваат квалитет за ловечка двојка, но на крајот сѐ се заврши со реми. Првиот дуел во каталонска одбрана заврши со поделба на поенот во 41-от потег, а вториот во сицилијанска одбрана (варијанта Најдорф).
Левон Аронијан (рејтинг 2.756), кој триумфира пред две години во Тбилиси (Грузија), совладувајќи го во финалето Динг со 4-2, имаше многу мала предност како „бел“ во партијата со Французинот Максим Вашер-Лаграв (рејтинг 2.774) во гринфелдова одбрана. Но во позиција на разнобојни ловци и пешак повеќе за Ерменецот, партијата заврши во 44-от потег со поделба на поенот.
Најкратко се играше во дуелот помеѓу сензацијата на овој СК, Американецот Џефри Ксионг (рејтинг 2.707) и Азербејџанецот Тимур Раџабов (рејтинг 2.758). Во каталонско отворање, примирјето беше потпишано во 30-от потег, со вечен шах од страна на црната кралица.
Финалистите од СК ќе се пласираат на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен. Г.И.