Во Премиер-лигата во секоја категорија настапуваат најдобрите 64 каратисти во светот, а освоените бодови се значајни и за обезбедување норма за настап на ЛОИ 2020
Емил Павлов (категорија до 60 кг), Ненад Келебиќ (до 67 кг), Берат Јакупи (до 84 кг), сите во борби и Пуликсенија Јованоска во кати се четворицата македонски каратисти што ќе настапат на престижната Премиер-лига која од денес до недела ќе се одржи во Шангај, Кина. Нив ќе ги придружуваат селекторот на репрезентацијата, Сашко Арсовски и тренерот Јован Лазарев.
Во оваа лига во секоја категорија настапуваат најдобрите 64 каратисти во светот, а освоените бодови се значајни, оти се додаваат за потребната норма за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио в година.
– Сите македонски претставници се во одлична форма. Без разлика што е ова Премиер-лига и настапуваат најдобрите од целиот свет, на сите главната цел им е ЛОИ, како и што повисок пласман на светската ранг-листа. Сите наши претставници се свесни дека треба да се победат најдобрите за да се дојде до медал, а јас токму тоа и го очекувам од нив – вели Арсовски.
Засега најдобар моментен олимписки пласман има Јакупи, кој е на 23 место (1.425 бода), а во оваа лига, пак, е 15-ти (570). Следи носителот на четири европски медали (злата во 2014 и 2018 и бронзи во 2016 и 2019) и освојувач на бронза од првите вакви Игри во Баку (2015), Емил Павлов, кој е на 52 место (922,5 бода). Павлов со бронзата од ЕП годинава обезбеди настап на 2. Европски игри (ЕИ) во Минск, Белорусија (21-30 јуни годинава), а во Премиер-лигата моментно е 22-ри (270 бода). Келебиќ на олимписката ранг-листа е 236-ти (142,5 бода), а во Премиер-лигата е 60-ти (30 бода). Јованоска е 33-та на листата за настап на ЛОИ (577,5 бода), а во Премиер-лигата е 13-та (720).
За пласман на ЛОИ 2020 (ќе настапат по 10 каратисти во секоја категорија) се бодуваат пласманите на турнирите во Премиер-лигата, Серија А, Младинската лига, континенталните шампионати и светското првенство. Така, на пример, првото место носи 100 поени, второто 70, третото 40…, самото учество пет, а секоја победа по 10 бода. Сето ова на СП е помножено со коефициент 12, на ЕП и во Премиер-лигата со по шест, а Серија А и младинската лига со коефициент три.