Шефот на Ред Бул, Кристијан Хорнер, е убеден дека неговиот тим можел да се бори за светската титула во Формула 1 во 2018 година, ако нивните автомобили имале околу 50 коњски сили повеќе.
Според Хорнер, шасијата на Ред Бул била најдобра во сезоната и во Формула 1 и исто така најдобрата произведена некогаш од тимот.
Во шампионските години на Ред Бул, Себастијан Фетел доминираше целосно на патеките и освои четири титули со послаб мотор од своите конкуренти. Токму во овој период Германецот ги искористи максимално добро квалитетите и аеродинамиката на шасијата изработена од Адријан Њуи, па помалата моќност на моторите Рено воопшто не беше проблем.
– Секогаш е многу лесно да кажеш ќе го направевме ова ако… Во случајот сепак е чиста вистина дека ако имавме 54 коњски сили поголема моќност зад грбот на пилотите, можевме да се бориме за титулата. Нашата шасија се претстави најдобро оваа година и можам да ви кажам од искуството низ годините поминат во Ред Бул, дека тие се најдобрите кои сме ги направиле во историјата на тимот – убеден е Хорнер.
Тој ги пофали своите вработени за завршената работа велејќи дека тие го направиле невозможното, бидејќи и покрај помалата моќ се бореле како еднакви против Мерцедес и Ферари.
– Само погледнете другите тимови со мотори Рено (фабрички тим на Мекларен и Рено), како да бевме во различни категории – заврши Британецот.