Таа е првата што триумфирала на трите трки во канадскиот зимски центар, по Американката Линдзи Вон, на која тоа ѝ успеа во три наврати, во 2011, 2012 и во 2015 година
СКИЈАЊЕ
Италијанката Софија Гоџа победи и на трката во супервелеслалом во Лејк Луис, Канада, во рамките на Светскиот куп (СК) во алпско скијање и е првата што триумфирала на трите трки во канадскиот зимски центар, по Американката Линдзи Вон, на која тоа ѝ успеа во три наврати, во 2011, 2012 и во 2015 година. Со три победи во Лејк Луис, покрај Вон и Гоџа, може да се пофали и Германката Катја Зајцингер во 1997 година.
Гоџа (29) претходно победи и на двата спуста, шест победи на шест спуст-трки, најдобра таква низа, по онаа на Вон пред Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Ванкувер, 2010 година. Таа се смета за прва фаворитка за одбрана на олимпиското злато во спуст во Пекинг во февруари, освоено пред четири години во Пјонгчанг, Јужна Кореја. Гоџа може да стане првата жена со две последователни олимписки злата во спуст, по Зајцингер во Лилехамер 1994 година и во Нагано 1998 година.
За Гоџа ова беше четврта победа во кариерата во супервелеслалом во СК, вкупно 14-та. Нејзините сонароднички Дебора Компањони и Федерика Брињоне имаат по 16, Изолде Костнер 15 победи.
– Од трите, ова ми е најдрагата победа оти минатата сезона кога победував во спуст, не можев да го сторам тоа и во супервелеслалом, никако не можев да најдам начин. На оваа трка ми успеа, затоа сум суперсреќна – изјави Гоџа, која го пропушти Светското првенство (СП) во февруари поради повредата на коленото.
Американката Микаела Шифрин освои неколку вредни поени со пласманот на шестото место и води во генералниот пласман со 405 поени. Втора е нејзината голема ривалка во техничките дисциплини, слалом и велеслалом, Петра Влхова од Словачка со 340, а трета е Гоџа со 315 поени, благодарение на максималните 300 поени од трите трки во Канада.