Британскиот пилот во Формула 1, Луис Хамилтон (35), проговори за своите корени и притоа објасни дека себеси се гледа како прв светски шампион во Формула 1, кој дотука стигнал иако е со скромно потекло.
– Јас сум првиот светски првак во Формула 1 од работничка класа. Горд сум што со тоа го трасирав патот и за другите. Една од моите омилени фрази е: „Не можете да бидете она што не го гледате“ – изјави шесткратниот светски првак Хамилтон (2008, 2014, 2015, 2017, 2018, 2019) за списанието „Машко здравје“.
Тој смета дека со своите успеси може да инспирира многумина да си ги следат своите соништа.
– Секој што ме гледа на подиумот, дури тоа да е и дете, може да биде инспириран да ги следи своите соништа. Ако тоа се случи, значи дека јас добро сум ја завршил работата. Разновидноста е проблем со кој Формула 1 мора да се соочи. Затоа сакам да дадам свој придонес во напредокот на спортот, но не само со инспирација за преостанатите туку и со соработка, со што би создал повеќе можности за луѓето од различни заедници – појаснува Хамилтон, кој во досегашната кариера има 84 победи, 88 пол-позиции, а 47 пати извозел најбрз круг.