ФОРМУЛА 1
Британецот моментно има шест титули и 86 гранпри-победи, еден трофеј помалку од водечкиот Шумахер и минус од пет триумфи на трки од славниот Германец. Утре на програмата е четвртата трка сезонава, на патеката Силверстон, каде што водечкиот сезонава Хамилтон досега победи шест пати
Британецот Луис Хамилтон (35), кому договорот со Мерцедес му истекува годинава, има намера да вози најмалку уште три години на највисоко ниво во Формула 1, пишува „Би-би-си“. Тој води сезонава во Формула 1 во обид да ја освои седмата титула светски првак, со што би се израмнил со Германецот Михаел Шумахер. Хамилтон моментно има шест титули и 86 гранпри-победи (пет помалку од рекордните 91 на Шумахер).
– Мојата цел е да продолжам на ова ниво барем уште три години. Очигледно постои точка по која физичката и менталната сила се намалуваат. Не знам кога ќе биде тоа со мене, но не гледам дека ќе се случи набргу. Не можам да гарантирам ништо, но планирам да бидам тука и следната година, дефинитивно тоа ми е една од главните цели. Пандемијата на ковид-19 беше негативна на многу, многу начини, но непланираната пауза ми даде нова енергија за да се фокусирам на некои други работи, таа пауза ми даде обновено количество енергија за да можам да продолжам можеби подолго – вели Хамилтон.
Хамилтон, кој има шест триумфи на патеката Силверстон (рекорд), победи на две од трите досегашни трки сезонава, во Австрија и во Унгарија, и собра 63 поени, пет повеќе од клупскиот колега Валтери Ботас, кој победи на првата во Австрија.
Утре (од 15.10 часот) на патеката во Силверстон треба да се вози трката за големата награда на Велика Британија.