Формула 1 објави дека, како и во 2018 година, повеќе од четири милиони гледачи (точно 4.164.948) присуствувале барем на една од 21 гранпри-трка од Светско првенство на ФИА во Формула 1 во 2019 година. Тоа е пораст од 1,75 процент во однос на претходната сезона, и покрај откажувањето на саботните активности на јапонско гран при поради невреме.
Според податоците на Ф1, на осум гранпри-трки имало повеќе од 200.000 гледачи, посетеноста за време на викендите се зголемила за 1,75 отсто, а во неделите за четири проценти во однос на 2018 година. Само во неделите годинава имало вкупно 1.771.106 гледачи.
На три гранпри-трки имало повеќе од 300.000 гледачи во текот на викендот, и тоа во Велика Британија (351.000), Мексико (345.694) и во Австралија (324.100). Вкупно осум, повеќе од една третина од сите настани, привлекле над 200.000 посетители, и тоа Сингапур и САД по 268.000, Белгија 251.864, Унгарија 230.000 и Австрија 203.000. Јубилејното 90-то издание на трката за големата награда на Италија, пак, ја регистрира својата највисока посетеност за еден викенд, со 200.000 гледачи, пишува Ф1.