Македонија е во групата Ц, во која се и Финска, Холандија, Турција, Шпанија и Русија, а четирите најдобри репрезентации од секоја од четирите групи ќе се пласираат во осминафиналето

ОДБОЈКА

Македонија ќе игра против домаќинот Финска во првиот меч во групата Ц, во Тампере, на 1 септември, на Европското првенство (ЕП) во одбојка, кое ќе се одржи од 1 до 19 септември. Тој меч и дуелот помеѓу Естонија и Летонија во Талин, во групата Д, ќе бидат првите мечеви на ЕП 2021, пишува Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) на својата интернет-страница. Македонија и Финска играа меѓу себе во првото коло и на ЕП 2019.
Другите двојки од првото коло во групата Ц на ЕП 2021 се Русија – Турција и Холандија – Шпанија, двете на 2 септември. Во второто коло на ЕП 2021, Македонија треба да игра против Холандија (3 септември), во третото со Турција (5 септември), во четвртото со Шпанија (6 септември) и во петтото коло со Русија (8 септември).
Четирите најдобри репрезентации од секоја од четирите групи ќе се пласираат во осминафиналето. Натпреварите во групната фаза на ЕП ќе се играат во четири земји, покрај во Финска (Тампере), уште и во Полска (Гдањск, Краков и Катовице), Чешка (Острава) и во Естонија (Талин). Нокаут-натпреварите ќе се играат во Полска и во Чешка.
Македонија вторпат ќе настапи на ЕП, по дебито во 2019 година кога не ја помина групната фаза во Љубљана, по двете победи, над Белорусија и над Словенија, и по полошиот сет-количник од Финска.
Подготовките на најдобрите македонски одбојкари треба да почнат на 11 јули, во Маврово, под водство на новиот селектор Душко Николиќ, кој ја презеде функцијата по неодамнешната смена на Никола Матијашевиќ.


МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2021, ГРУПА Ц

Македонија – Финска 1.9
Македонија – Холандија 3.9
Македонија – Турција 5.9
Македонија – Шпанија 6.9
Македонија – Русија 8.9