Овој потег не беше добро прифатен од играчите, со предупредувања дека не се подготвени да патуваат на Блискиот Исток толку доцна во годината
ТЕНИС
Финалето на Дејвис-купот е подготвено да се пресели во Абу Даби со петгодишен договор. Меѓународната тениска федерација (ИТФ) на состанокот на УО во Мадрид следната недела треба да го означи овој договор со инвестициските партнери на спонзорот „Космос“. Но овој потег не беше добро прифатен од играчите, со предупредувања дека не се подготвени да патуваат на Блискиот Исток толку доцна во годината. Финалето на Дејвис-купот 2022 во Абу Даби ќе се игра на повеќе локации и може да трае до 12 дена. Настанот нема да заврши до почетокот на декември, а следната година ќе се судри со Светското фудбалско првенство во блискиот Катар.
Групните фази на годинешново финале се одржуваат во три различни земји. Торино, Инсбрук и Мадрид се градовите, а шпанската престолнина е домаќин на последните пет дена, како дел од последната година од договорот на ИТФ и „Космос“ во 2018 година. Тоа ќе го означи и крајот на традиционалниот формат на домашни и гостински натпревари што се играа цела година.
Вкупно 20 милиони долари е наградниот фонд за тенисерите за годинешново финале, како и значителен надоместок што „Космос“ го плаќа на ИТФ за развој на тенисот во светот. Но бидејќи се верува дека „Космос“ изгуби десетици милиони долари на настанот во 2019-та, нешто мораше да се промени. Надоместокот што ќе го добива од Абу Даби значително ќе го олесни неговото финансиско оптоварување, но конкуренцијата, пак, ќе стане помалку привлечна доколку повеќе од врвните играчи се оддалечат.
Седум од најдобрите 20 во светот играат на годинешново финале, вклучувајќи ги и првите двајца на АТП-листата, Србинот Новак Ѓоковиќ и Русинот Данил Медведев.