Светската шаховска федерација (ФИДЕ) продолжува внимателно да ја следи состојбата со пандемијата на коронавирусот, па соодветно на тоа преку својата медицинска комисија донесе безбедносен протокол до декември годинава, за да се минимизира можноста за пренесување на ковид-19 на шахистите. Овие препораки ќе бидат добродојдени и за Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), која до крајот на годината има намера да го реализира предвидениот натпреварувачки план, ако го дозволат тоа здравствените услови.
Меѓу препораките на ФИДЕ се шаховските настани да се рестартираат на регионално ниво со мали турнири и со ограничен број играчи. Во салите да има доволно физичка оддалеченост помеѓу луѓето, но и помеѓу таблите од најмалку еден метар. Во салите да има малку гледачи, а шахистите да ја напуштат салата по завршувањето на нивната партија. Сите табли, фигури, часовници, маси и столчиња да се исчистат со средства за дезинфекција пред и по секое коло.
Шахистите и гледачите, при влегувањето, излегувањето и паузите во салата мора да ги мијат и да ги дезинфицираат рацете. Сите играчи, судии и службени лица да носат маски на лицето. Не се препорачуваат турнири во простории без соодветна вентилација, а се препорачуваат активности на отворен простор. Се препорачува играчите да потпишат и изјава за отсуство на респираторни симптоми. Во декларацијата, шахистот треба да изјави и дека е свесен за можниот ризик од пренесување на ковид-19 за време на шаховскиот настан.
– Откако ќе добиеме мислење и дозвола од надлежните органи за одржување шаховски турнири кај нас, ќе мора стриктно да се придржуваме кон протоколите за организација. Прво ШФМ треба да стапи во контакт со хотелите во местата каде што би се играле турнирите и да се согледаат условите што ги нудат тие, како квадратурата на салата, ако има повеќе сали уште подобро, дали се со соодветна вентилација и прозорци, можноста да се игра дел и на отворена летна тераса, држење соодветно растојание помеѓу шахистите, носење маски и слично. Откако ќе ги добиеме одредените понуди, УО на ШФМ ќе донесе одлука каде и кога ќе се игра. Засега е добро што постои голем интерес кај клубовите и кај шахистите да се одржат предвидените првенства и турнири – вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски.