Гркот Георгиос Макропулос, Англичанецот Најџел Шорт или Русинот Аркадиј Дворкович – еден од овие тројца кандидати се очекува утре да стане новиот претседател на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Првпат по многу години нема двајца туку тројца кандидати за оваа престижна шаховска функција.

Последниот збор ќе го имаат делегатите на Генералното собрание на ФИДЕ, кое деновиве одржува секојдневни пленарни седници во Батуми, Грузија, за време на Шаховската олимпијада (ШО).

Русинот Кирсан Иљумжинов, кој беше 23 години на чело на ФИДЕ, поднесе оставка. Макропулос веќе неколку години е заменик-потпретседател на Иљумжинов. Дворкович е поранешен заменик-премиер на Русија (2012-2018), а велемајсторот Шорт е долгогодишен критичар на раководството на ФИДЕ, кој ги поддржа поранешните кандидати на опозицијата и поранешни светски прваци, Гари Каспаров и Анатолиј Карпов, на претходните избори во ФИДЕ.

Утре попладне ќе биде избран и нов претседател на Европската шаховска унија (ЕЦУ). Единствен кандидат е досегашниот претседател, Грузиецот Зураб Азмајпарашвили, кој може да добие нов четиригодишен мандат. Г.И.


Богоевски е кандидат за член на бордот на ФИДЕ

Актуелниот претседател на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Благоја Богоевски, е еден од кандидатите предложени за член на Бордот на ФИДЕ, за утрешното гласање во Батуми.

– Да се биде член на бордот на ФИДЕ е престижна функција, бидејќи сите одлуки на ФИДЕ одат преку бордот. Ќе гласаат 54 делегати од Европа за четири претставници во бордот на ФИДЕ, кој има вкупно 11 члена. Имам поддршка од нашиот регион и од раководството на ЕЦУ, што е позитивен знак, но ќе видиме. Оптимист сум – вели Богоевски.

Богоевски е и делегат на ШФМ во Батуми и тој утре ќе го даде својот глас при изборот на претседателите на ФИДЕ и на ЕЦУ. Г.И.

Богоевски (десно) заедно со Азмајпарашвили