„Владата на Русија објави дека почнувајќи од денес Русија го прекинува воздушниот сообраќај со други држави без временски рамки. Поради ова, ФИДЕ не може да го продолжи Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак во шах, кој се игра во Екатеринбург, без гаранции за безбедно и навремено враќање на шахистите дома, па според правилата на турнирот, претседателот на ФИДЕ одлучи да го прекине и тој да продолжи кога ќе овозможи глобалната ситуација поврзана со пандемијата на коронавирусот. Како што беше предвидено со посебни правила договорени со играчите пред почетокот на турнирот, резултатите од одиграните седум кола остануваат валидни, а турнирот ќе се продолжи со партиите од осмото коло“, се вели, меѓу другото, во официјалното соопштение на Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
До прекинот Французинот Максим Вашер-Лаграв беше во водство, откако во 7-то коло (од предвидените 14), со бели фигури го победи дотогаш водечкиот Јан Непомнијашчи од Русија. Иако и двајцата моментно имаат по 4,5 поени, сепак, со оглед дека меѓусебниот дуел решава, Французинот засега е прв. Без победник завршија партиите помеѓу Италијанецот Фабијано Каруана и Кинезот Хао Ванг, Холанѓанецот Аниш Гири и Русинот Александар Гришчук, односно Кинезот Динг Лирен и Русинот Кирил Алексенко. Табела по седум кола: Вашер-Лаграв (2.767 рејтинг-поени) и Непомнијашчи (2.774) по 4,5 поени, Каруана (2.842), Гири (2.763), Ванг (2.762), Гришчук (2.777) по 3,5; Динг (2.802) и Алексенко (2.698) по 2,5. Г.И.