Силна репрезентација што ќе учествува и ќе победува на големи натпреварувања ќе стане пример за помладите генерации. Ова е многу важно, бидејќи спортот има моќ да ги трансформира животите и да создаде подобар, помирен свет каде што секој припаѓа, вели Граса, претседателот на ФИВБ, на промоцијата на проектот чија цел е да им помогне на сите национални федерации и да го подобри нивото на националните тимови и на сите спортисти
На конгресот на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ) во Лозана, претседателот, Бразилецот Ари Граса, го претстави проектот „Напредок на одбојката“, чија цел е да им помогне на сите национални федерации и да го подобри нивото на националните тимови и на сите спортисти низ светот. Преку проектот ќе бидат вложени значителни финансиски средства за да се идентификуваат проактивните национални федерации и да им се помогне со човечки и други технички ресурси потребни за кревање на повисоко ниво на нивниот потенцијал, како што се обуката на тренери, менаџери, физиотерапевти, беше објавено на интернет-страницата на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ).
– Преку овој проект сакаме да им помогнеме на репрезентациите и на спортистите да го развијат својот целосен потенцијал и да ги постигнат своите цели. Ова ќе биде победничка ситуација за сите нас, бидејќи колку што повеќе можеме да ја шириме одбојката низ целиот свет, толку повеќе можеме да го зголемуваме бројот на репрезентациите што ќе учествуваат на нашите главни настани. Ова ќе ја зголеми важноста на одбојката во светот, правејќи ја попопуларна од кога било – вели Граса.
Најновиот проект на ФИВБ ја изразува посветеноста во развојот на одбојката преку реинвестирање на парите што влегуваат во овој спорт. Со значителни инвестиции, ФИВБ ќе се обиде да ја професионализира администрацијата во националните федерации, да го унапреди нивото на вештини на националните тимови и да создаде примери за милиони навивачи.
– Силна репрезентација што ќе учествува и ќе победува на големи натпреварувања ќе стане пример за помладите генерации, создавајќи љубители на одбојката за цел живот. Ова е многу важно, бидејќи спортот има моќ да ги трансформира животите и да создаде подобар, помирен свет каде што секој припаѓа – вели Граса.