Ова е првпат по 1974 година двајца возачи да влегуваат во последната трка од сезоната во Ф1 изедначени според поените. Ако Ферстапен и Хамилтон ја завршат утрешната трка во Абу Даби, тој што прв ќе ја помине целната линија ќе биде светски првак, а ако ниту еден од нив не ја заврши трката или не освои бодови, Ферстапен ќе биде шампион поради повеќе остварени победи сезонава
ФОРМУЛА 1
Холанѓанецот Макс Ферстапен и Британецот Луис Хамилтон ќе се тркаат за титулата во Формула 1 за 2021 година утре (од 14 часот, се возат 306,2 км), во Абу Даби, во веројатно една од најнеизвесните сезони во историјата на тој спорт.
Ова е првпат по 1974 година двајца возачи да влегуваат во последната трка од сезоната во Формула 1 изедначени според поените и ова е прва пресметка во завршната сезонска трка помеѓу двајца возачи од различни тимови од 2012 година, пишува „Би-би-си“. Во 1974 година израмнети пред последната трка беа Емерсон Фитипалди и Клеј Рагацони.
Ферстапен и Хамилтон се изедначени во поени сезонава, двајцата имаат по 369,5. Ако двајцата возачи ја завршат утрешната трка, тој што прв ќе ја помине целната линија ќе биде светски првак. Ако тоа биде Хамилтон, тоа ќе биде негова осма титула кај возачите, што ќе биде и нов рекорд (Хамилтон сега е израмнет со Михаел Шумахер со по седум титули). Ако тоа биде Ферстапен, тоа ќе биде негова прва титула во Формула 1.
Иако се израмнети според бодовите, Ферстапен, сепак, е класифициран како лидер во шампионатот, бидејќи има девет победи наспроти осумте триумфи на Хамилтон сезонава. Тоа значи дека ако ниту еден од нив двајца не ја заврши трката или не освои бодови, Ферстапен ќе биде шампион.
ФЕРСТАПЕН ХАМИЛТОН
369,5 поени 369,5
9 победи 8
17 подиуми 15
НАЈМНОГУ ТИТУЛИ ВО ФОРМУЛА 1
Михаел Шумахер 7
Луис Хамилтон 7
Хуан Мануел Фанџо 5
Алан Прост 4
Себастијан Фетел 4