ТЕНИС – ПО 405 ДЕНА СЕ ВРАТИ НА ТЕРЕНИТЕ

По пауза од 405 дена, Роже Федерер со победа се врати на тениските терени, на АТП-турнирот во Доха. За Федерер ова е прв настап по минатогодишното полуфинале на Австралија опен, по кое паузираше поради двете операции на десното колено. Трикратниот шампион од Доха (2005, 2006 и 2011 година) во својот прв меч со Британецот Даниел Еванс, го покажа својот борбен дух победувајќи со 7-6, 3-6, 7-5.
– Среќен сум што се вратив. Среќен сум што стојам тука, без оглед на тоа дали ќе победев или загубев денес. Но, сепак, после победа чувството е подобро. Ова беше долг и тежок пат за мене. Враќањето на терен на моја возраст не е нешто што е многу едноставно и е огромен предизвик во мојата тениска кариера. Имав прекрасен тим околу себе што цело време ме поддржуваше – изјави Федерер.
Противник на Федерер во четврт-финалето на турнирот во Катар вчера беше Грузиецот Николоз Басилашвили. Другите двојки се Доминик Тим – Роберто Баутиста Агут, Андреј Рублев – Мартон Фучович, Денис Шаповалов – Тејлор Хари. Во првите две кола на турнирот во Доха отпаднаа седмиот и осмиот носител, Давид Гофин и Станислас Вавринка.