Триумфалната серија на одбојкарите на Шутова не запира. По поразот во првото пролетно коло од шампионот Струмица, кичевскиот прволигаш ниже само победи, со што овој состав покажа дека е кадарен и за највисоки дострели.
Пред забревтаниот состав на Шутова денес падна и второпласираната екипа на Универзитет-Тетово, која по вторпат оваа пролет е поразена од кичевскиот прволигаш, овојпат со 3-1 по 100 минути игра.
Мечот се одигра пред полна сала и со громогласно навивање на домашните навивачи, опремени со навивачки реквизити и тапани.
Во првиот сет домаќините од самиот старт направија разлика од три до пет поени, која ја зачуваа до самиот финиш за конечни 25-18. И вториот сет домаќините добро го започнаа и имаа водство се до средината на сетот, кога тетовскиот прволигаш заигра поквалитетно што му донесе тесен триумф од 25-23. Во третиот сет повторно домаќините доминираа на паркетот, на самото отворање на сетот поведоа со 5-0 и 9-2, за во самиот финиш да ја остварат највисоката разлика од 23-13 и сетот да го решат во своја корист со 25-17.
Четвртиот и последен сет, во поголемиот дел беше крајно изедначен, дури во осум наврати имавме нерешен резултат на семафорот, за во самиот финиш домаќините од 21-20 да освојат четири поени по ред да го добијат сетот, за победа и голема радост за присутните гледачи во спортската сала Иванидол. З.А.