Искачувањето на Монт Еверест имаше пресудно значење за мене, а тој врв, потоа К2 и Анапурна 1 се трите потпорни столба на мојот менталитет и карактер, вели македонскиот планинар и алпинист Здравко Дејановиќ, кој планира десетгодишнината од искачувањето на „врвот на светот“ (мај 2010 година) да ја одбележи и со книгата насловена „Монт Еверест – ѕвонарот на височините“

ЗДРАВКО ДЕЈАНОВИЌ ЗА ИСКАЧУВАЊАТА НА МОНТ ЕВЕРЕСТ, К2 И НА АНАПУРНА 1

На Монт Еверест, подоцна на К2 и на Анапурна 1, при искачувањето на трите врва на Хималаите, оставав дел од себе, дел од мојата душа, кои ќе останат вечно на тие возвишени места, вели македонскиот планинар и алпинист Здравко Дејановиќ по повод десетгодишнината од искачувањето на Монт Еверест (мај 2010 година).
Дејановиќ додава дека тоа искачување на највисокиот врв во светот (8.848 метри), прво за него на височина над 8.000 метри, му дало голема самодоверба и му го отворило погледот и патот кон подоцнежните искачувања на двата најтешки врва, К2 и Анапурна 1.
– Не можам да се потсетувам на тие искачувања, бидејќи јас живеам со нив, тие се дел од мене. Тоа се трите потпорни столба на мојот менталитет и карактер, тие се дел од мојот идентитет, дел од мојата духовна надградба – вели Дејановиќ.
Десетгодишнината од искачување на „врвот на светот“ Дејановиќ планира да ја одбележи и со книгата насловена „Монт Еверест – ѕвонарот на височините“, како што тоа го стори по другите искачувања, на К1 (во 2014 година) и на Анапурна 1 (2015 година).

– Книгата е во завршна фаза и планирано е да биде промовирана на 24 мај, точно на десетгодишнината од денот кога застанав на највисоката точка на планетата. Сакам тоа првично искуство да го пренесам со зборови, на хартија, за сите да добијат претстава како се одвива искачувањето на највисокиот светски врв, особено на оние што ќе сакаат да го реализираат сопствениот хималајски сон. Посакувам, доколку постои можност, тоа да се направи на скромна промоција, но веројатно ќе се одложи за подоцна, по завршувањето на вонредната состојба. Книгата малку ќе почека, но ми е многу битна, бидејќи искачувањето на Монт Еверест имаше пресудно значење за мене – вели Дејановиќ.
Која е разликата во искачувањата меѓу овие три врва за вас, не по техничка тежина, туку воопшто што ви значат?

– На Монт Еверест постои поголема организација при искачувањето, кое некои го нарекуваат и „искомерцијализираност“. Но во суштина врвот мора сам да го искачиш, сам да се справиш со сите физички и психолошки предизвици. Така било пред 70 години, така ќе биде и во иднина. Комерцијализацијата се однесува повеќе на луксузот во базниот логор, во поразновидната храна, интернетот, мобилната мрежа. На К2 и на Анапурна 1 се осмелуваат да одат само исклучително искусни и докажани алпинисти и тие што веќе се испробале на некој друг врв повисок од 8.000 метри. Таму одат најчесто по дваесетина качувачи во една сезона, и многу често се случува во одреден момент да се биде сам на маршрутата, помеѓу два височински кампа, што е огромен психолошки тест – вели Дејановиќ.


Ако има услови, наскоро нов предизвик – Нанга Парбат, на 8.126 м

Идни планови, има ли шанси летово да се искачите на некој повисок врв?
– По забраната од Владата на Непал за пролетните експедиции, морав да го откажам планот за искачување на Лотце, на 8.516 метри, четвртиот највисок врв над 8.000 метри. Сега сум во исчекување дали Владата на Пакистан ќе дозволи експедиции во јуни. Ако одлуката биде позитивна, кон крајот на мај би заминал таму и би се обидел да се искачам на Нанга Парбат, кој е висок 8.126 метри. Тој врв и врвот Канџезонга, по К2 и Анапурна 1, се сметаат за најтешки за искачување и се предизвик за мене – вели Здравко Дејановиќ.

[email protected]