На ЕП настапија над 250 кајакари од 16 земји, меѓу нив и седуммина од Македонија
Прекрасната патека на реката Трска во кањонот Матка крај Скопје, минатите неколку дена беше домаќин на Европското првенство (ЕП) за јуниори и сениори (до 23 години) на дива вода, во кајак спуст и спринт. Македонските кајакари не постигнаа некои позабележителни резултати, но на организациски план сѐ мина во најдобар ред.
– Оцените се повеќе од позитивни, сите репрезентации, од раководствата до тренерите и кајакарите, беа задоволни од условите што им ги понудивме деновиве на Треска. Ние имаме искуство во организацијата на вакви манифестации и од година на година сѐ е подобро и поорганизирано во секој поглед. За идната година ги планираме натпреварите во рамките на Европскиот куп во кајак-спуст, традиционалниот ИКАС, по 51-ви пат, а за година или две, во 2020-та или 2021-та, во план е евентуално да бидеме домаќини на натпревари во Светскиот куп, па дури и на Светско првенство (СП) – вели техничкиот директор на ЕП, најдобриот македонски кајакар Љубомир Спасиќ. Покрај тоа, Спасиќ на ова ЕП имаше уште неколку задолженија, беше селектор и тренер на македонската репрезентација, но и предвозач!
– Имав многу обврски, но така излегоа работите. Натпреварите беа доста квалитетни, на собир беа најдобрите млади кајакари од Европа. Македонските претставници не забележаа добри пласмани, очигледно е дека заостануваме зад најдобрите и оти мора многу поинтензивно и поквалитетно да се работи во клубовите доколку сакаме да фаќаме некаков приклучок со најдобрите. Мало оправдување може да биде тоа што повеќето од нив тренираат само слалом, не и спуст. Јас бев со нив само седум дена, тоа е прекратко време да се отстранат некои недостатоци, но факт е дека треба да се тренира многу повеќе – вели Спасиќ.
На ЕП настапија над 250 кајакари од 16 земји. Македонија ја претставуваа Христијан Игнатов, Енис Небиовски, Мартин Мазнев и Џенгис Небиовски во јуниорска и Виктор Миланов, Александар Златаров и Никола Димов во сениорска конкуренција.
Кај јуниорките на ова ЕП доминираше Барбора Димовова од Чешка, која победи во двете трки, во спринтот (300 метри) и во спустот (3,5 км). Во сениорска конкуренција во спринт најбрза беше Матилде Роса од Италија, а во спустот Мартина Саткова од Чешка.
Во машка конкуренција кај јуниорите двојна победа, во спринт и во спуст, на Французинот Агустин Ребул. Кај сениорите во спринтот триумфира Словенецот Анже Уранкар, а во спустот Германецот Марсел Пауфлер.