ПРЕДИЗВИК И АКЦИЈА ЗА ДОНИРАЊЕ ПАРИ
Шампионот на Тур де Франс за 2018 година, Герент Томас, планира од среда во својот дом во Кардиф да извози 36 часа на велосипед во текот на следните три дена и на тој начин да собере пари како помош за Националниот здравствен систем (НЗС) на Велика Британија во борбата против пандемијата на коронавирусот.
Томас има намера да го стори тоа во својата гаража, на статичен велосипед за тренинг.
– Возењето велосипед е начинот на кој можам јас да сторам нешто. Си поставив предизвик да ја пресликам смената на работник во НЗС, а тоа се три 12-часовни смени. Ќе почнувам од 7.30 часот наутро до 19.30 часот навечер, в среда, четврток и петок. По малку сум нервозен, да бидам искрен, бидејќи најдолго досега сум возел околу 8,20 часа, и тоа на отворено, на пат.
Но да вртам педали 12 часа, мислам дека ментално тоа ќе биде поголем предизвик, отколку физички. Се надевам дека ќе собереме малку пари за Националниот здравствен систем и за луѓето што прават неверојатни работи во моментот – вели Томас (33) во видеопораката на Твитер, охрабрувајќи ги луѓето да му се придружат, но и да донираат пари.