Како спортист, Бах беше мечувалец од светска класа, освојувајќи златен олимписки медал, но и две злата со германската репрезентација на светските првенства. Тој е претседател на ИОК од септември 2013 година
Германецот Томас Бах (67) е реизбран со нов четиригодишен мандат за претседател на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). На 137-та Сесија на ИОК што се одржа виртуелно, тој доби 93 гласа „за“ и еден „против“ од 94 важечки гласови.
– Ви благодарам многу за овој огромен глас на доверба. Кога првпат ме избравте за свој претседател, реков дека сакам да го водам ИОК според моето предизборно мото „Единство во различноста“ и да бидам претседател за сите вас и за сите наши заинтересирани страни. Оваа обврска важи и за мојот втор и последен мандат. Мојата врата, моите уши и срце остануваат отворени за секого од вас. Се надевам дека ќе можам да сметам на вашата постојана посветеност, поддршка и пријателство и во текот на следните четири години – рече Бах по неговиот реизбор.
Како спортист, Бах беше мечувалец од светска класа, освојувајќи златен олимписки медал, но и две злата со германската репрезентација на светските првенства. Тој беше член-основач на Комисијата за спортисти на ИОК во 1981 година, на која остана до 1988 година. Во 1991 година Бах стана член на ИОК и седеше во Извршниот одбор на ИОК од 1996 до 2013 година. Тој беше заменик-претседател на ИОК од 2000 до 2004 година, од 2006 до 2010 година и од 2010 година до неговиот избор за претседател во септември 2013 година.