ТЕНИС

Сите тенисери што ќе бидат дел од првиот гранслем-турнир во Мелбурн ќе мора да поминат во карантин од 14 дена, пред неговиот почеток, кој е закажан на 8 февруари. Квалификациите во машка конкуренција ќе се одржат во Доха (Катар), а во женска конкуренција во Дубаи (ОАЕ), од 10 до 13 јануари в година.
Се очекува тенисерите да пристигнат во Мелбурн кон средината на јануари, а во задолжителниот карантин ќе можат да тренираат најмногу пет часа во текот на денот. Предвидено е сите играчи заедно со своите тренери да бидат тестирани пред тргнувањето за Австралија, а потоа и најмалку пет пати во текот на карантинот. Во случај некој да има позитивен ковид-тест, ќе бидат преземени стандардните процедури на карантин, сѐ додека не се добие дозвола од здравствените власти.