Шпанската фудбалска судијка Фернандез е медицинска сестра во болница во Мадрид, по истиот пат тргна и кошаркарската судиска двојка од Италија, лекарите Марцијали и Џованети, а капитенот на кошаркарската репрезентација на Литванија, Калниетис, како волонтер им доставува намирници на луѓе, на кои поради рестрикциите им е забрането да ги напуштаат домовите
Со појавата на пандемијата на коронавирусот многумина од спортските работници ги ставија на чекање своите спортски кариери и застанаа во првите борбени линии со коронавирусот. Така, шпанската фудбалска судијка Ирагарце Фернандез стана редовна медицинска сестра во болница во Мадрид, а по истиот пат тргна и кошаркарската судиска двојка од Италија, Силвија Марцијали и Гвидо Џованети, кои по професија се лекари. Капитенот на сениорската кошаркарска репрезентација на Литванија, Мантас Калниетис, пак, волонтира во организацијата „Силни заедно“ во битката против пандемијата.
Фернандез пред пет години во Билбао почнала курс за медицинска сестра, но коронавирусот го забрза нејзиното приклучување кон здравството.
– Кога некој пристигнува со кашлица и треска, моја задача е да ги анализирам нивните симптоми, а притоа носам целосна заштитна опрема. Не сум супержена, едноставно помагам како и сите други. Ова е многу стресно искуство, затоа што се борите против нешто што не можете да го видите и тоа ве става во неповолна положба – вели Фернандез, а пренесе АФП.
Фернандез едвај чека да го земе судиското свирче за првиот натпревар, а посочи дека Шпанската фудбалска федерација е заинтересирана да обезбеди сите да останат што е можно повеќе во форма.
– Ни испраќаат видеа и тестови од мечеви. Имаме и физички испити што треба да ги поминеме. Кога размислувам за фудбалот во тоа малку слободно време што остана, ми недостигаат натпреварите, натпреварувањето и, секако, најмногу судењето. Ми недостига сето тоа – вели таа.
Медицината е семејна определба на двајцата италијански судии, пишува интернет-сајтот „Фиба.баскетбал“.
– Уште од млада возраст мој сон беше да станам лекар и да им помагам на луѓето. Секогаш сакав да понудам повеќе од само терапија, сакам да имам вистинска размена на мисли и чувства со нив – вели Џованети, кој работел на Одделот за кардиологија во болница во Бари, а сега е преместен во одделение со различни пациенти со коронавирус.
Марцијали вели дека кошарката ѝ дава поголем баланс во животот.
– Кога почна коронавирусот, навистина сакав да помогнам. Не беше важно што. Кога станувате доктор давате заклетва и го почитувате секогаш кога ќе работите и особено кога има итен случај. Кошарката и медицината се моите две страсти и не можам да ги одделам. Јас сум таа што сум токму поради нив и секогаш се обидувам да ги балансирам двата аспекта на мојот живот.
Кошарката ми дава можност да имам отворен ум, ме предизвикува да се подобрувам како личност, да имам посветеност. Благодарение на ФИБА ја открив Европа, запознав многу луѓе од други земји, сето тоа ми го отвори умот, ми помогна да бидам подобра личност, која не би била без кошарката – вели Марцијали, која во 2017 година стана првата меѓународна кошаркарска судијка во Италија.
Повеќе од 3.000 Литванци во рамките на организацијата „Силни заедно“ волонтираат во битката против пандемијата, а еден од нив е и Калниетис. Тамошниот портал „15мин.лт“ објави дека актуелниот кошаркар на Локомотив Кубан секој ден во одреден период поминува во доставување на потребните намирници на оние луѓе, на кои поради рестрикциите им е забрането да ги напуштаат своите домови поради коронавирусот.
– Дури и ако не смеам да го напуштам мојот дом од која било причина, секогаш барам начин како да им помогнам на луѓето. Моја цел, секако, не е да бидам виден дека помагам и со тоа да се фалам. Едноставно, сакам само да им помaгам на луѓето. Во Литванија има многу кошаркари што го прават истово, а некои донираат пари, но не сакаат да се експонираат во јавноста. Ние сме такви, сакаме сѐ да направиме мирно – вели 33-годишниот литвански бек, кој со Локомотив во сезоната 2012/2013 триумфира во Еврокупот, а е носител и на бронзен медал од СП 2010 и на сребра од ЕП 2013 и 2015 година. Та.Д; Г.И.