Спортот се смета за особено ранлив на затоплувањето на климата на планетата со неколку примери за влијанието на порастот на температурите врз спортски настани. Потписниците на договорот на климатската конференција КОП26 ветија дека ќе ги намалат емисиите на јаглерод и ќе достигнат „нето нула“ до 2040 година и за 50 отсто ќе ги намалат стакленички гасови до 2030 година

КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА КЛИМАТА КОП26

Некои од најголемите светски спортски организации, вклучувајќи ги и Светската фудбалска федерација и Интернационалниот олимписки комитет, ветија дека ќе ги намалат емисиите на јаглерод и ќе достигнат „нето нула“ до 2040 година. Тоа е едно од неколкуте договори на климатската конференција КОП26 на Обединетите нации (ОН), во Глазгов, од страна на „Спортот за борба против климата“, организација формирана во 2018 година за да ги здружи спортските тела за да ги постигнат целите за глобалните климатски промени. Организациите, исто така, се договорија за 50 отсто намалување на стакленичките гасови до 2030 година, пишува „Ројтерс“.
– Четири години откако ја лансиравме рамката „Спорт за климатска акција“, повеќе од 280 спортски организации се обврзаа на сеопфатните цели за усогласување на спортот со целите на Парискиот договор. Овој сектор со нетрпение го прифати предизвикот, но и ни кажа дека сакаат да направат повеќе и побрзо. Овие организации сега се соочуваат со предизвик да ги намалат емисиите за 50 отсто до 2030 година и да постигнат нето нула емисии до 2040 година – рече на промоцијата на целите, Патриција Еспиноза, извршна секретарка на ОН за климатски промени.
Спортот се смета за особено ранлив на затоплувањето на климата на планетата со неколку примери за влијанието на порастот на температурите врз спортски настани, како што се тенисот на Австралија опен, зимските олимписки игри, фудбалот… Како дел од посветеноста на целта на акцијата „Спорт за клима“, сите потписници се согласија да достават конкретни планови за акција што ќе ги преземат за да ги исполнат целите и годишно да известуваат за нивниот напредок.