Листата ја предводат најдобрите двајца, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал. На турнирот ќе играат 12 репрезентации

На АТП-купот ќе играат 14 од првите 15 тенисери на АТП-листата

Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал ќе ги предводат своите репрезентации на АТП-купот во Мелбурн во февруари, кој е намален на 12 земји, поради пандемијата на коронавирусот, пишува „Би-би-си“. Светскиот рекет број еден Ѓоковиќ ја предводи Србија, во обид за одбрана на титулата освоена лани. Надал, рангиран на второто место на АТП-листата, ќе ја предводи Шпанија, која лани играше во финалето на АТП-купот.
Од другите репрезентации, шампионот на САД опен, Доминик Тим (трет на АТП-листата), ја предводи Австрија, победникот на АТП-финалето Даниел Медведев (четврти на АТП) ќе игра за Русија итн. Вкупно ќе играат 14 од првите 15 тенисери на АТП-листата.
Квалификациите се засноваат на АТП-листата на најдоброрангираните играчи во поединечна конкуренција на секоја земја, а домаќинот Австралија доби т.н. вајлд-карта. На минатогодишниот турнир учествуваа 24 репрезентации. Ждрепката треба да биде влечена на 20 јануари, кога 12-те селекции ќе бидат поделени во четири групи. Победниците на групите ќе се пласираат во полуфиналето.


ФИДЕ

Нови правила за интернет-шах

Советот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) го одобри новиот пакет правила што треба да се применуваат на официјалните мечеви преку интернет. Документот е резултат на заеднички напор на наменската работна група, во која беа вклучени неколку комисии на ФИДЕ.
Притоа е земено предвид огромното искуство на различните интернет-турнири и мислењето на многу експерти од комисиите во текот на 2020 година. Првиот дел е за основните правила, вториот дел е за специфичните правила за интернет-мечеви, a третиот дел е целосно посветен на правилата за натпреварувања и е поделен на два поддела, интернет-мечеви со надзор и хибридни натпревари. Т.н. „хибридна конкуренција“ е нов формат каде што партиите се играат преку интернет, но учесниците се физички присутни на различни јавни места, како клуб, седиште на федерација, хотел и слично.
– Гледаме многу потенцијал во овој формат што, пак, ќе овозможи организирање шаховски натпревари со учесници што ќе бидат на повеќе места, но во брендирана средина. Ова ги зголемува можностите за активирање на медиумите и на спонзорите во шахот – вели Дејвид Лиада, главен директор за маркетинг и комуникации на ФИДЕ.
ФИДЕ очекува хибридниот формат да се користи во блиска иднина и на некои официјални настани, а некои континенти веќе ја изразиле својата намера да ги одржат своите зонски, па дури и континентални шампионати со овој натпреварувачки формат. Г.И.


СПОРЕД ЦИЕС
Рашфорд моментално е најскапиот фудбалер во светот?

Еден од најталентираните фудбалери од нападот на премиерлигашот Манчестер јунајтед, Маркус Рашфорд (23), е најскапиот фудбалер во петте најсилни лиги во Европа (Англија, Франција, Шпанија, Германија и Италија), со претпоставена цена од 165,6 милиони евра, објави фудбалската опсерваторија на Меѓународниот центар за спортски студии (ЦИЕС).
Зад него е 20-годишниот Норвежанец Ерлинг Холанд (Борусија Дортмунд) со 152 милиони евра, а следуваат 22-годишниот Англичанец Трент Александар-Арнолд (Ливерпул) со 151,6 милион евра, Португалецот Бруно Фернандеш (Манчестер Јунајтед со 151,1)… Највисоко рангиран од голманите е Едерсон Мораеш (Манчестер сити) со 79,6 милиони евра, пишува ЦИЕС. Г.И.