Левандовски е третиот фудбалер во Бундес-лигата со 250 гола
Роберт Левандовски ја помина бројката од 250 гола (на 330 натпревари) во германската фудбалска Бундес-лига, со двата погодока на мечот на Баерн со Волфсбург (2-1). Од тие 250 гола, 176 беа во дресот на Баерн, а 74 за Борусија Дортмунд.
Левандовски (32) сезонава веќе постигна 18 гола на 17 натпревари во сите натпреварувања, а против Волфсбург, на 20 натпревари постигна 23 гола, најмногу од сите тимови. Во септември 2015-та тој влезе во игра во вториот дел и за само девет минути постигна пет гола на мечот со Волфсбург (5-1).
– Не размислувам за награди, рекорди, фокусиран сум само на натпреварот што го играм – изјави тој по мечот.
Левандовски е третиот фудбалер што постигнал толку голови во Бундес-лигата. Поуспешни од него се само легендата на Баерн, Герд Милер со 365 (на 427 меча) и напаѓачот на Минхен 1860, Шалке, Келн и на Бохум, Клаус Фишер со 268 гола (на 535 меча). Л.Д.
Можност за пет замени до 2022 година
Одборот на меѓународната фудбалска асоцијација (ИФАБ) одобри продолжување на привремената измена на правилото три, со што се овозможува опција до пет замени за врвни мечеви, за домашни натпреварувања што завршуваат до 31 декември 2021 година и за меѓународни натпреварувања што завршуваат до 31 јули 2022 година. Членовите се согласија дека постојаното влијание на пандемијата врз фудбалот треба да остане под постојан надзор за да може да се преземат соодветни активности, пишува ИФАБ на својата интернет-страница.
ПОТВРДЕН Е КАЛЕНДАРОТ ВО ФОРМУЛА 1
Следува најдолгата сезона, со 23 трки
Водечкото тело на Формула 1, ФИА, го потврди календарот за најдолгата сезона во историјата, идната година. Планирани се вкупно 23 трки, почнувајќи од Мелбурн на 21 март, а завршувајќи во Абу Даби на 6 декември 2021 година. Најавено е дека ФИА е уверена дека ќе може да се одржи целосниот календар. Според планот, на 21 март е трката во Австралија, а потоа на 28 март во Бахреин, 11 април во Кина, за 25 април нема домаќин, на 9 мај во Шпанија, 23 мај во Монако, 6 јуни во Азербејџан, 13 јуни во Канада, 27 јуни во Франција, 4 јули во Австрија, 18 јули во В. Британија, 1 август во Унгарија, 29 август во Белгија, 5 септември во Холандија, 12 септември во Италија, 26 септември во Русија, 3 октомври во Сингапур, 10 октомври во Јапонија, 24 октомври во САД, 31 октомври во Мексико, 14 ноември во Бразил, 28 ноември во Саудиска Арабија и на 5 декември во ОАЕ. Г.И.