СПОРЕД „ФОРБС“

Тенисерката Осака стана најплатена спортистка во историјата

Тениската ѕвезда од Јапонија Наоми Осака (22) минатата година заработила 37,4 милиони долари, што e рекорд кога станува збор за спортистка, објави американскиот магазин „Форбс“, а пренесе „Ројтерс“. Претходниот рекорд изнесуваше 29,7 милиони долари (во 2015 година), а беше во сопственост на руската тенисерка Марија Шарапова, според „Форбс“. Списанието ги зема предвид паричните награди и рекламите, според што Осака лани заработила 3,4 милиони долари од наградните фондови и 34 милиони долари од реклами.
Според „Форбс“, Осака се наоѓа на 29-то место, а Американката Серена Вилијамс (36 милиони долари) е на 33-то место на годишниот список од 100 најплатени спортисти. Вилијамс беше спортистка со најголема заработка во претходните четири години, а пред тоа Шарапова беше најплатена спортистка 11 години, пишува „Ројтерс“.
Осака се искачи на врвот со освојувањето на САД опен во 2018 година и на Австралија опен во 2019 година и потоа стана првата тенисерка од Азија што стигна број 1 во светот, пишува „Ројтерс“. Г.И.


Ѓоковиќ најави серија хуманитарни турнири на Балканот

Горд сум што можам да најавам дека „Адриа-тур“ ќе одржи турнири на Балканот од 13 јуни до 5 јули, почнувајќи со турнирот во Белград. Многу сум благодарен што можеме да играме и со тоа да поддржиме хуманитарни проекти во регионот, напиша на Твитер српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, а пренесе „Ројтерс“.
Моментално третиот светски тенисер, Австриецот Доминик Тим, и Бугаринот Григор Димитров, кој е рангиран на 19-то место, го потврдија своето учество од вкупно осумте тенисери што ќе играат на настанот, кој ќе заврши во Сараево (БиХ) со егзибицискиот дуел помеѓу Ѓоковиќ и Дамир Џумхур (БиХ). Г.И.


По 21 година хет-трик рекорд во Германија

Тимо Вернер стана првиот играч во Бундес-лигата што постигнал два хет-трика против ист противник во една фудбалска сезона, по 21 година. Напаѓачот на Лајпциг го стори тоа против Мајнц, победа со 5-0, во неделата, како и на есенскиот натпревар, во ноември лани, кој Лајпциг го доби со 8-0, што е клупски рекорд. Претходен фудбалер што постигнал два хет-трика на два натпревара против еден противник во иста сезона во Бундес-лигата е Улф Кирстен од Баер, против Борусија Менхенгладбах во сезоната 1998/99. Вернер сезонава постигна 30 гола на 38 натпревари во сите натпреварувања, вклучувајќи и 24 во Бундес-лигата, најмногу во кариерата. На седум натпревари тој има повеќе од еден гол. Лајпциг стигна до бројката од 68 гола, два повеќе од рекордните 66 постигнати во сезоната 2016/2017. Л.Д.