КОШАРКА – ВТОРА ЈАДРАНСКА ЛИГА
Вториот турнир во јануари во Бања Лука

Во Бања Лука (БиХ), во периодот од 18 до 24 јануари 2021 година, треба да се одиграат следните три кола во Втората јадранска кошаркарска лига, односно натпреварите од петтото до седмото коло. Двата македонски претставника во тоа натпреварување, МЗТ Скопје и Работнички, ги знаат и ривалите со кои ќе играат во салата „Борик“.
Така, МЗТ Скопје во 5-то коло на 19 јануари ќе игра со Хелиос Домжале (21 ч.), три дена подоцна со Слобода Ужице (13 ч.) и на 24-ти со Студентски центар (21 ч.). Работнички, пак, ќе се сретне со Спарс од Сараево на 18 јануари (21 ч.), на 21 јануари е мечот со Горица (13 ч.), а турнирот ќе го заокружи на 24 јануари со натпреварот со Златибор (13 ч.).
По четири кола играни во ноември на Златибор, МЗТ Скопје е втор со седум бода, а Работнички е деветти со шест бода. Во конкуренција на 14 екипи, води црногорскиот клуб Студентски центар од Подгорица, со максимални осум бода. Г.И.


ФУДБАЛ
Вечерва градски дерби-средби во Манчестер и во Мадрид

Во фудбалска Европа, во две од петте најдобри лиги, вечерва на програмата се два големи градски дерби-натпревара, манчестерскиот Јунајтед – Сити на „Олд трафорд“ (18.30), во англиската Премиер-лига, и мадридскиот Реал – Атлетико (21 часот), во шпанската Ла лига.
Реал ќе се обиде да му го нанесе првиот пораз на Атлетико сезонава во Ла лига. Атлетико моментно е на првата позиција, со 26 бода од 10 натпревари (осум победи и две ремија), еден бод повеќе од најпријатното изненадување, Сосиедад (од 12 натпревари). Бранителот на титулата Реал Мадрид е четврти, со 20 бода од 11 меча.
Двата манчестерски тима во последните неколку кола почнаа да се искачуваат кон врвот на табелата. Јунајтед е шести со 19, а Сити е седми со 18 бода, пет, односно шест помалку од водечките Тотенхем и Ливерпул, и со еден помалку одигран натпревар. Статистиката е на страната на Јунајтед и вели дека има забележано 76 победи, наспроти 54-те на Сити. Л.Д.


Шифрин: Титула во Светскиот куп не е мојата главна цел

Годинава сум во многу поинаква позиција од кога било порано, вели Шифрин, која сезонава ќе се фокусира на слалом и велеслалом, во кои освои златни олимписки медали и забележа 59 од 66-те победи во СК

Американската скијачка Микаела Шифрин викендов треба да настапи во Куршевел, Франција, на првите велеслаломски трки за неа од јануари. Поминаа 11 месеци и откако Шифрин се тркаше или тренираше за брзите дисциплини или за супервелеслалом, во кој е светска шампионка. Животот на Шифрин драстично се смени во февруари, со смртта на нејзиниот татко Џеф, непосредно пред пандемијата на коронавирусот, што ги ограничи плановите за тренинзи и за натпревари надвор од сезоната. Поради сето тоа Шифрин е реална во врска со целите и со шансите за освојување на четвртата титула во генерален пласман во Светскиот куп (СК) во алпско скијање, објави агенцијата Асошиејтед прес (АП).
– Годинава сум во многу поинаква позиција од кога било порано. Се чувствувам како да фаќам приклучок и не чувствувам дека е реално или мудро да се обидам да бидам на што повеќе настани и трки – вели Шифрин.

Тоа во практика значи дека таа сезонава ќе се фокусира само на техничките дисциплини, слалом и велеслалом, во кои освои златни олимписки медали и забележа 59 од 66-те победи во Светскиот куп.
– Триумф во генералниот поредок сезонава не е мојата главна цел – вели Шифрин, посочувајќи дека нејзините ривалки се „исклучително конкурентни и во моментов не се гледа себеси како една од нив“.
Меѓу нив се Петра Влхова од Словачка, Швајцарката Мишел Жисин и бранителката на титулата во генерален пласман, Италијанката Федерика Брињоне. Влхова победи на три од четирите трки сезонава, вклучувајќи ги и двата слалома во Леви, Финска. Шифрин беше втора и петта на тие две трки. Таа вели дека планира да настапи на брзинските трки кон крајот на сезоната, но не се изјаснува дали ќе ја брани светската титула во супервелеслалом на Светското првенство во февруари во Кортина Д’Ампецо (Италија). Л.Д.