На Планица, без публика, почнува СП во скијачки летови

Светското првенство (СП) во скијачки летови почнува денеска на Планица (Словенија), без присуство на гледачи. Планетарното првенство требаше да се одржи во март годинава, но беше одложено поради пандемијата на коронавирусот. Денеска на програмата се првите две индивидуални серии, утре се вторите две по кои ќе биде познат новиот светски првак. В недела е тимскиот натпревар. Ова е 26-то СП во скијачки летови, титулите на минатото, во 2018 година во Оберстдорф (Германија), ги освоија Даниел Андре Танде од Норвешка и репрезентацијата на Норвешка. На Планица, која шести пат е домаќин на СП, првпат ќе има натпревар во скијачки летови под рефлектори.


Половина од осминафиналистите досега беа европски прваци

Осум поранешни европски прваци, еден повеќе од минатата сезона, се меѓу 16-те тима во осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите сезонава, вклучувајќи го и актуелниот, Баерн (вкупно шест титули). Други осминафиналисти со европска титула се Реал Мадрид (13), Ливерпул (шест), Јувентус (две), Челси и Борусија Дортмунд (по една) од првиот барабан, како и Барселона (пет) и Порто (две) од вториот. Од нив, во минатата сезона осминафиналист не беше само Порто.


Англија и Шпанија со по седум тима во трка за трофеите

Сите клубови што ја почнаа фудбалската сезона во групните фази на Лигата на шампионите (ЛШ) и на Лига Европа (ЛЕ) од Германија, Англија, Шпанија и од Португалија, не сметајќи ги квалификациите, останаа во трка за трофеите сезонава. Така, од Шпанија има седум тима, во осминафиналето на ЛШ се Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Барселона и Севилја, а во ЛЕ ќе настапат Гранада, Сосиедад и Вилјареал. Седум тима се и од Англија, и тоа Челси, Ливерпул и Манчестер сити во ЛШ, а Манчестер јунајтед, Арсенал, Лестер и Тотенхем во ЛЕ. Од Германија во трка се шест тима, и тоа за титулата европски првак ќе играат Баерн, Борусија Д., Борусија М. и Лајпциг, а за трофејот во ЛЕ во конкуренција се Баер и Хофенхајм. Од Португалија групната фаза ја почнаа три тима, во ЛШ ќе игра Порто, а во ЛЕ Бенфика и Брага.


Пет клуба од лани се пласираа од ЛШ во ЛЕ и сезонава

Пет тима меѓу третопласираните осум во групната фаза во фудбалската Лига на шампионите, како и во минатата сезона, се пласираа во Лига Европа (ЛЕ). Тоа се Ајакс, Бриж, Олимпијакос, Салцбург и Шахтар. Лани од ЛШ во ЛЕ се префрлија и Баер, Бенфика и Интер, а сезонава тоа се Краснодар, Динамо Киев и Манчестер јунајтед. Ждрепката на двојките е в понеделник, а средбите од шеснаесеттинафиналето на програмата се на 18 и на 25 февруари.