РАКОМЕТ
Хедин го објави списокот со репрезентативци на САД за настап на СП

Селекторот на ракометната репрезентација на САД, Швеѓанецот Роберт Хедин, го објави списокот со 35 кандидати за настап на таа репрезентација на Светското првенство во Египет што треба да се игра од 13 до 31 јануари 2021 година.
На списокот на Хедин повеќе од 30 од ракометарите настапуваат во Европа, меѓу кои пикерот Ендрју Данлин од Адемар Леон, десното крило Тај Рид од Фленсбург, голманите Николас Арон Робинсон од Елверум и Рене Инграм од Кристијанстад итн. Скратениот список со 20 ракометари што ќе бидат дел од подготовките за настап на Светското првенство, Хедин би требало да го објави денеска, за кога е предвиден и почетокот на подготовките. Та.Д.


ФУДБАЛ – ЛИГА ЕВРОПА
За настап во следната рунда останаа уште шест слободни места

По петтото коло натпревари во фудбалската Лига Европа (ЛЕ) се познати 18 екипи што обезбедија пласман во нокаут-рундата, меѓу 32 најдобри тима во тоа натпреварување. Тоа се Арсенал, Тотенхем, Лестер (Англија), Баер, Хофенхајм (Германија), Бенфика, Брага (Португалија), Гранада, Вилјареал (Шпанија), Рома, Милан (Италија), Глазгов ренџерс (Шкотска), Славија (Чешка), ПСВ Ајндховен (Холандија), Антверпен (Белгија), Лил (Франција), Динамо (Хрватска) и Црвена звезда (Србија). Во шеснаесетинафиналето ќе настапат уште шест тима од ЛЕ (во трка се 11 екипи), како и осум третопласирани во групите на Лигата на шампионите. Л.Д.


ЛОИ 2020
Побарано рефундирање за 18 отсто од продадените билети во Јапонија

Поднесени се барања за поврат на паричните средства за околу 18 отсто од продадените билети во Јапонија за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, соопшти Организацискиот комитет на ЛОИ. Сопствениците на билети во Јапонија добија можност да побараат враќање на паричните средства поради едногодишното одложување на Игрите предизвикано од пандемијата на коронавирусот, пишува „Ројтерс“. Организаторите во соопштението за печат рекоа дека било побарано рефундирање за околу 810.000 билети, од вкупно 4,45 милиони од првично продадените за време на домашната лотарија. Билетите што се веќе купени за ЛОИ во Токио, кои, пак, треба да се одржат в година, ќе останат валидни за презакажаниот настан.
– Планираме да ги препродаваме вратените билети, но како и кога ќе го сториме тоа уште не е решено – рекоа организаторите, пренесе „Ројтерс“. Г.И.