Продолжува сезоната во алпско скијање, Шифрин има „мали очекувања“

Со слаломите за жени во финскиот Леви денеска и утре продолжува сезоната во Светскиот куп (СК) во алпско скијање. Американската скијачка ѕвезда Микаела Шифрин (25) инсистира на тоа дека има „мали очекувања“, подготвувајќи се да се врати на терените по речиси 10 месеци, откако минатата сезона беше запрена поради пандемијата на ковид-19. Таа ги пропушти и првите трки сезонава, во австрискиот Зелден, во октомври.
– Навистина немам очекувања, ги одржувам очекувањата многу ниско. Со оглед на сѐ што ни се случи на сите нас спортистите и мене лично, не можам да имам очекувања. Сакам да скијам добро, што вклучува брзо скијање и знам дека можам – изјави Шифрин пред новинарите, пред слаломот во Леви.
Шифрин, по три последователни титули во Светскиот куп, се откажа од трката по четвртата, по ненадејната смрт на нејзиниот татко. Таа досега има 66 победи во Светскиот куп.
Трките во машка конкуренција продолжуваат на 26 и на 27 ноември, во Австрија, кога на програмата се трките во паралелслалом.


ТЕНИС – ЗАВРШЕН МАСТЕРС-ТУРНИР

Надал e на два чекора до првиот трофеј

Вториот светски тениски рекет Рафаел Надал ќе игра денеска во полуфиналето на завршниот АТП-турнир во Лондон откако во решавачкиот дуел во групата го победи Стефанос Циципас со 6-4, 4-6 и 6-2 во сетови. Во другиот дуел од таа група, Андреј Рублев го победи Доминик Тим со 6-2 и 7-5. Третиот светски тенисер Тим претходно го осигури местото во полуфиналето. Во полуфиналето Надал ќе игра со Данил Медведев, кој со победата над Новак Ѓоковиќ ја осигури првата позиција во другата група. За Надал ова ќе биде шесто полуфинале на завршните АТП-турнири, од кои никогаш не заминал со трофејот. Победникот од дуелот вчера, Ѓоковиќ – Александер Зверев, ќе игра во полуфиналето со Тим. Та.Д.


Весли Со е првиот полуфиналист на интернет-шампионатот во брз шах

Американскиот шаховски велемајстор (ВМ) Весли Со е првиот полуфиналист на главниот онлајн турнир за годинава во брз шах (награден фонд 100.000 долари), откако со 16-10 го победи Полјакот Јан-Криштоф Дуда. Претходно Со беше поуспешен со 18-10 и од Узбекистанецот Нордибек Абдусаторов, a Криштоф-Дуда со убедливи 17-9 го совлада Американецот Фабијано Каруана. На шампионатот настапува и актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, како и шахистот број еден во брз шах на рејтинг-листата, Американецот Хикару Накамура, кои победија во првата рунда.
Турнирот почна на 1 ноември, а ќе кулминира со финалето на 13 декември. Карлсен претходно го освои шампионатот во брзински шах во 2016 и во 2017 година, во финалето против Накамура, кој, пак, убедливо ги освои шампионатите во 2018 и во 2019 година, но Карлсен не играше тие години. Сите поединечни дуели се состојат од три меча, двапати по пет минути, плус една секунда по секој потег (за вкупно 90 минути игра), двапати по три минути, плус една секунда по секој потег (за 60 минути игра) и двапати по една минути, плус една секунда по секој потег (за 30 минути игра). Поените на крајот се собираат и подобриот оди понатаму.
Резултати, осминафинале: Весли Со – Нордибек Абдусаторов 18-10, Јан Криштоф Дуда – Фабијано Каруана 17-9. Магнус Карлсен – Пархам Магсодло 24-5, Хикару Накамура – Халк Мартиросјан 21-5, Владимир Федосеев – Алиреза Фирузја 15-14, Владислав Артемиев – Аниш Гири 15,5-11,5, Максим Вашер-Леграв – Нихал Шарин 16,5-11,5, Левон Аронијан – Јан Непомнијашчи 14-11. Четврт-финале: Накамура – Федосеев, Карлсен – Артемиев и Вашер Леграв – Аронијан, Со – Дуда 16-10. Г.И.