ФУДБАЛ
Марсеј го претрпе 12-от пораз по ред во ЛШ
Порто го совлада Марсеј со 3-0, што беше 12-ти, рекорден пораз во низа за францускиот тим во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), и се израмни со белгиски Андерлехт, кој од 2003 до 2005 година претрпе 12 пораза по ред. Последната победа во ЛШ, Марсеј, европски првак од 1993 година, ја забележа во 2012 година, против Интер, 1-0. Последниот гол Марсеј го постигна во 2013 година, во поразот од Борусија Дортмунд, 1-2.
Реал Мадрид ја прокнижи првата победа сезонава во ЛШ, над Интер (3-2), а еден гол постигна центархалфот Серхио Рамос, за него 100-ти за „кралевите“ во сите натпреварувања. Еден гол постигна и Карим Бензема, за него 49-ти во групата фаза. Поефикасни од него се само Меси (70 гола) и Роналдо (63). Л.Д.
Серхио Рамос – најдобриот стрелец на денешницата меѓу дефанзивците
Шпанецот Серхио Рамос го постигна својот 100-ти гол за Реал Мадрид, откако беше стрелец на еден погодок во победата над Интер, дома, во 3-то коло на фудбалската Лига на шампионите. Одбранбениот играч на шпанскиот првак со тоа во кариерата има вкупно 127 гола и се наоѓа на шестото место на неофицијалната листа на најдобри стрелци меѓу дефанзивните фудбалери.
Реал Мадрид може да се пофали дека има неколку меѓу најдобрите дефанзивци стрелци на голови во историјата на убавата игра. Така, на пример, на листата пред Рамос е уште една легенда на клубот, Фернандо Иеро, со 163 погодока во кариерата.
На врвот на оваа листа е Холанѓанецот Роналд Куман, сега тренер на Барселона, со 253 гола, а потоа следуваат Аргентинецот Даниел Пасарела со 175, Шпанецот Иеро со 163, Французинот Лорен Блан со 153, Шкотланѓанецот Греам Александер со 130, Рамос со 127, Англичанецот Стив Брус, Германецот Паул Брајтнер и Бразилецот Роберто Карлос со по 113, Германецот Франц Бекенбауер со 109 итн.
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Роглич се врати во трка за одбрана на титулата на Вуелта
Словенецот Примож Роглич победи во хронометарската трка на 13-та етапа на велосипедската трка околу Шпанија, Вуелта, и се врати на првата позиција во генерален пласман. По етапата долга 33,7 километри, Роглич оствари за 49 секунди подобро време од Ричард Карапаз, кој по таа етапа ја загуби лидерската позиција во генерален пласман и сега е втор, со заостанување од 38 секунди.
– Се чувствував изненадувачки силно. Мислев дека ќе биде многу потешко. Не е забавна работа да се извози добра хронометарска трка, но јас имав добри нозе. Подобро е да имаш предност од 39 секунди, отколку да заостануваш. Затоа морам да останам фокусиран – изјави Роглич, кој победи на оваа трка околу Шпанија во 2019 година, а годинава беше второпласиран на Тур де Франс. Та.Д.
Дваесет атлетичари во изборот на најдобрите годинава
Осум натпреварувачи од Африка, седум од Европа и пет од Северна Америка влегоа во изборот за најдобрите во светската атлетика за 2020 година. На листите има спортисти од 11 земји, предничат атлетичарите од Кенија со четворица претставници, САД има тројца, со по двајца кандидати се застапени Етиопија, Шведска, Уганда и Холандија, а по еден имаат Велика Британија, Венецуела, Јамајка, Норвешка и Германија. Минатогодишни победници се Далила Мухамед од САД и Елиуд Кипчоге од Кенија.
Во годинашната трка за најдобра светска атлетичарка влегоа Фемке Бол (Холандија), Летесенбет Гидеј (Етиопија), Сифан Хасан (Холандија), Перес Јепчирчир (Кенија), Феит Кипиегон (Кенија), Лора Муир (Велика Британија), Хелен Обири (Кенија), Јулимар Рохас (Венецуела), Елеин Томпсон-Хера (Јамајка) и Абабел Јешане (Етиопија).
Кај атлетичарите за престижното признание за најдобар за годинава ќе се тркаат Донаван Брејзер (САД), Џошуа Чептегеи (Уганда), Тимоти Черуијот (Кенија), Рајан Крузер (САД), Мондо Дуплантис (Шведска), Џејкоб Киплимо (Уганда), Ноа Лајлс (САД), Даниел Стал (Шведска), Јоханес Фетер (Германија) и Карстен Ворхолм (Норвешка).
Гласањето трае до 15 ноември, а наградите ќе бидат доделени на 5 декември. Та.Д.