КОЊИЧКИ СПОРТ

Димитриевска, Гроздановска и Гроздановски шампиони на Македонија

По одржувањето на 4-то финално коло на „Октомврискиот коњички турнир“ и на Отвореното првенство на Македонија на терените на КК Анималс во Скопје, познати се новите шампиони на Македонија во коњичкиот спорт, прескокнување пречки. Во категоријата деца, шампионка стана Ева Димитриевска со грлото Ерос (клуб Бравадос). Кај јуниорите златниот медал го освои Леонида Гроздановска со грлото Делано Лева (Анималс), а во сениорска конкуренција првак стана Дарио Гроздановски со грлото Силвано (Анималс).
На четвртиот турнир во класата Д (пречки со височина 0,9 м) победи Елена Димитријова со грлото Прешес (Анималс), во класата Ц (1 м) Димитриевска со грлото Ерос (Беавадос), во класата Б (1,10 м) Гроздановска со грлото Делано Лева (Анималс), а во класата А (1,20 м) најдобар беше Гроздановски со грлото Силвано (Анималс).
Во генералниот пласман по класи, пак, најуспешна во класата Д е Димитријова со грлото Прешес (Анималс), во класата Ц е Меланија Атанасовска со грлото Калатус (Процес), во класата А и Б е Гроздановски со грлото Силвано (Анималс). На најдобрите им беа предадени златни медали и пехари. Г.И.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Поради коронавирусот, серија откажувања на Џиро д’Италија

Комплетниот тим Мичелтон-Скот и еден од главните фаворити за триумф, Стивен Крујсвијк, се повлекоа од велосипедската трка Џиро д’Италија по низата позитивни тестови на ковид-19, објави агенцијата „Асошиејтед прес“. Тој тим се повлече пред 10-та етапа, откако четворица членови на техничкиот персонал биле позитивни на тестовите. Претходно лидерот на тимот, Сајмон Јејтс, се повлече пред осмата етапа во саботата, откако беше позитивен на ковид-19.
Тимот Џамбо-Визма објави дека и Стивен Крујсвијк бил позитивен на ковид-19, што значеше дека и за него трката е завршена. Тој беше 11-ти во генералниот пласман, со заостаток од 1,24 минута зад лидерот Жоао Алмеида. Позитивен тест имале уште неколкумина други во и околу некои тимови.
Годинашното, 103-то Џиро д’Италија, кое требаше да се одржи во мај годинава, би требало да заврши на 25 октомври.


 

За предлозите во проектот инициран од Ливерпул и од Манчестер јунајтед треба да се гласа на денешниот состанок на премиерлигашите

ФУДБАЛ
Премиерлигашите се поделија околу „големата слика“

Противниците на проектот „Голема слика“ во англиската фудбалска Премиер-лига го прогласиле проектот за „мртов“, бидејќи барем 13 клуба се против него, пишува британски „Телеграф“. Англискиот фудбал се подели на два дела во врска со предлозите иницирани од Ливерпул и од Манчестер јунајтед, поддржани од 72 клуба од пониските лиги (ЕФЛ). За предлозите што содржат контрола на најбогатите клубови, Лига со 18 тима, 250 милиони фунти помош за ЕФЛ и 25 проценти од годишните приходи од ТВ-правата, треба да се гласа на денешниот состанок на премиерлигашите, пишува „Телеграф“. Извори на весникот тврдат дека нема шанси да има мнозинство, бидејќи клубовите што се против планот веќе разговарале за нивните опции.

Клубовите во ЕФЛ добиле детали за финансискиот пакет на проектот. Клубовите во Чемпионшип од сезоната 2022/2023 ќе имаат вкупен годишен приход од 568,8 милиони фунти, од тоа за првопласираниот 26,7 милиони фунти, во споредба со 8,2 милиони фунти во моментов. Клубовите во Лига 1 ќе заработуваат од 3,4 до 4,5 милиони фунти годишно, наспроти сегашните по 1,2 милион фунти, а тие од Лига 2 по 3,2 милиони, повеќе од трипати од сегашните 900.000 фунти. Анализата на Премиер-лигата вели дека клубовите надвор од елитата во предложената лига од 18 екипи ќе заработуваат помалку, статусот на лигата како најправедна во европскиот фудбал би бил изгубен, а многумина се загрижени и за нејзината конкурентност.

Односот на диференцијалната заработка од врвот до дното, која сега е 1-1,7, би паднал на 1-4 до сезоната 2025/2026 доколку биде усвоен проектот, пишува „Телеграф“.
Фудбалската асоцијација допрва треба да се изјасни дали ќе го блокира проектот, но е против укинувањето на Суперкупот, од кој се собираат пари за добротворни цели. Л.Д.