ИНТЕРНЕТ-ТУРНИР
Карлсен и Накамура го поделија првото место во шах-960
Актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, и Американецот Хикару Накамура, го поделија првото место на интернет-турнирот во шах-960, чиј организатор беше ШК Сент Луис (САД). По девет кола во три дена и двајцата имаа по шест поени, претрпувајќи само по еден пораз, Карлсен од Американецот Весли Со, а Накамура од Карлсен. Двајцата победници добија по 31.250 долари (турнирот беше со вкупен награден фонд од 150.000 долари). Поранешниот светски првак, Русинот Гари Каспаров (57), уште еднаш покажа дека може да биде во чекор со најдобрите светски играчи и го освои осмото место. Во шах-960 компјутер ги поставува по случаен избор фигурите на вториот ред. Од денеска до сабота се играат и турнирите во забрзан (време за размислување 25 минути, плус 25 секунди по секој потег) и во брз шах (пет минути, плус три секунди), за награден фонд од 250.000 долари. Г.И.
ХОКЕЈ НА МРАЗ
Далас по две децении е финалист во НХЛ-лигата
Хокеарите на Далас се првите финалисти на годинашново издание на најсилната хокеарска лига во светот, НХЛ. Екипата од Тексас во возбудлив и неизвесен натпревар славеше против Лас Вегас со 3-2 и триумфира во серијата со 4-1 во победи. Овој успех е и нова страница во историјата за клубот, оти Далас, кој има една титула, две децении не ја почувствувал убавината на настапот во меч за Стенли-купот. Далас сега го очекува победникот на Истокот, а таму моментно со 3-1 води Тампа беј против Њујорк. Лани титулата замина кај хокеарите на Сент Луис, која беше и прва во историјата на тој клуб. Г.И.
ФУДБАЛ
За Суперкупот, Баерн ќе им понуди на гледачите 3.000 бесплатни тестови за ковид-19
Фудбалскиот првак на Европа, Баерн, ќе им понуди 3.000 бесплатни тестови за коронавирус на гледачите со билети за натпреварот против Севилја, победникот во Лига Европа, за Суперкупот на УЕФА, на 24 септември, на стадионот „Ференц Пушкаш“ во Будимпешта, Унгарија, пренесува „Асошиејтед прес“. УЕФА обезбеди за Баерн и за Севилја по 3.000 влезници за стадионот во Будимпешта, кој треба да биде исполнет со 30 отсто од капацитетот. На гледачите ќе им биде мерена температурата на стадионот, а на трибините ќе треба да носат маски и да се придржуваат до правилото за физичка дистанца.
Суперкупот ќе биде првата пригода кога на гледачи ќе им биде дозволено да присуствуваат на натпревар под ингеренција на УЕФА од почетокот на пандемијата. Претходно на некои стадиони во различни градови низ Европа на гледачите им беше дозволено да бидат на трибините, но под строги упатства. Минатата недела претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, рече дека Суперкупот треба да послужи како „пилот-тест од кој можеме да научиме корисни лекции за тоа што треба да се направи сезонава, секогаш имајќи предвид дека владините протоколи и одлуки мора строго да се следат“. Л.Д.
ФУДБАЛ – АНАЛИЗА НА ЦИЕС
Предноста на домашен терен опстојува и за време на пандемијата
Домашните тимови традиционално победуваат повеќе натпревари отколку гостинските, а според анализата на фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС), домашната предност на мечеви за време на пандемијата на коронавирусот опстојуваше и без гледачи, иако на помалку изразен начин. Опфатени биле 63 лиги во светот.
Од јануари 2015 година до март 2020 година домашните тимови победиле во 44,3 проценти од натпреварите во анкетираните лиги. По избувнувањето на пандемијата и затворањето на стадионите, оваа бројка се намали на 42,2 отсто, пишува ЦИЕС.
До различна мерка, процентот на домашни победи се намалил во 41 од опфатените 63 лиги. Просечната гол-разлика по натпревар, пак, се намали од плус 0,31 на плус 0,24.